Џудо-федерацијата на Македонија со нова финансиска поддршка за клубовите
Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) во само неколку месеци обезбеди нова финансиска помош, втора по ред, за клубовите членки, за да им помогне да го надминат овој кризен период, во кој пандемијата на коронавирусот има огромно влијание врз овој спорт, соопштуваат од ЏФМ.
Дополнително, ЏФМ одлучи да ги ослободи клубовите од плаќање на годишната котизација, како уште една мерка за поддршка на македонските џудо-клубови. Ова беа двете најзначајни одлуки што беа донесени на редовната седница на извршниот одбор, која изминатава сабота, под посебни здравствени протоколи за заштита од ширење на пандемијата на коронавирусот, се одржа во големата сала на Општина Прилеп.
Покрај овие две точки, на седницата на извршниот одбор, со која раководеше претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, се дискутираше и за влијанието на ковид-19 и за можниот почеток на сезоната во следниот период. На седницата активно учествуваа и селекторите и претседателите на комисиите, кои најпрво се осврнаа кон сето она што го сработија во изминатите неколку месеци, а потоа дадоа и свои видувања за предизвиците со кои ќе се соочуваат во следниот период како резултат од негативните последици од коронавирусот.
На седницата беа усвоени ранг-листата за 2020 година, планот, програмата и календарот за годинава, потоа правилата за учество на државни првенства и натпревари во 2021 година, како и правилникот за рангирање.
Comments