top of page

Куртоа презема вина за поразот, па порача: Ако им дадеме два брзи гола на „Бернабеу“……

09.04.2025 April Sreda

Реал Мадрид го имаше најлошото издание во Европа во последните неколку сезони и претрпе тежок пораз на гостувањето во Северен Лондон, натпревар кој ќе се памети по големиот број одбрани на Тибо Куртоа, но и двете ремек-дела на Деклан Рајс.

Играчот за врска со два страшни погодоци од слободен удар донесе предност од 2:0 за својот тим, а на крајот во листата на стрелците се запиша и Микел Мерино кој ги постави конечните 3:0.

Реал Мадрид ќе брка голема негатива и ќе мора да прави ново европско чудо на „Сантијаго Бернабеу“, па иако се очекува да биде многу тешко, Куртоа верува во пресврт.

Белгискиот голман презема дел од вината за првиот гол кој го прими од слободен удар, но истовремно побара од соиграчите да „свртат лист“ и да веруваат во своите квалитети.

– Знаев дека ќе имам многу работа, Арсенал е напаѓачки ориентиран тим. Обично секогаш ставам човек плус во живиот ѕид, но денеска не го направив тоа при првиот обид на Рајс. Не очекував толку да го заобиколи живиот ѕид и може да преземам дел од одговорноста. Исто така, сметам дека направивме непотребни прекршоци во двата случаи, стануваше збор за ситуации кои не беа опасни. Што се однесува до вториот гол, тоа беше вистинско голчиште.

– Арсенал е силен тим, игра агресивно и офанзивно и не успеавме да се справиме со нив вечерва. Нема да кажам дека паничевме, но не бевме мирни со топката во нозе. Ни дадоа два страшни погодоци и потоа постигнаа и трет. Не успеавме да реагираме, се враќаме дома со тежок пораз, но треба да се верува во овој тим. Верувам дека можеме да направиме пресврт. Треба да ги поправиме грешките и да се обидеме да се вратиме. Ако постигнеме два брзи гола, третиот ќе дојде сам, – вели Куртоа.


 
 
 

Comments


bottom of page