Њујорк го добива својот прв „пловечки“ базен
Изградбата на пловечкиот базен во Њујорк е проект на кој се работи веќе десет години, а сега е официјализирано дека локацијата на овој уникатен објект, вреден 25 милиони долари, ќе биде северно од мостот „Менхетен“ на устието на Ист Ривер. За Њујорк веќе се знае дека е град што никогаш не спие, а во летните месеци добива посебно ниво на живост. Меѓутоа, оваа сезона доаѓа и со честопати неподносливата топлина што ги принудува жителите на градот да одат во јавни базени. Со новиот футуристички проект, жителите на овој град се на чекор до добивање нов и, секако, уникатен простор за пливање: пловечки базен на реката.
Познат како базенот „+“, поради неговата форма слична на плус, овој проект трае веќе десет години, а организацијата што стои зад него конечно официјално обезбеди место за негова изградба: делот од реката северно од мостот „Менхетен“.
Базенот не само што ќе плови туку ќе користи и вода од реката за полнење. Покрај тоа, еден од многуте инженерски подвизи што го прават овој потфат импресивен е системот за филтрирање на водата. Според агенцијата „Тајм аут“ од Њујорк, базенот ќе им обезбедува на гостите повеќе од 600.000 литри чиста филтрирана вода секој ден. Сè уште не се знае кога ќе се заврши проектот, но организаторите и многу жители се задоволни од напредокот и со нетрпение го очекуваат отворањето. Кара Мејер, извршната директорка на базенот, вели дека следната пречка во градењето и отворањето на базенот ќе биде исполнување на сите здравствени и безбедносни прописи, како и барањата на градските власти.
Comments