top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Филозофскиот филмски фестивал стартува со џез и „Толпата“, во знакот на „Времето“

Свечено фестивалот ќе биде отворен на 27 мај, во 20 часот, со мини концерт на отворено на џез составот „Јордан Костов Квинтет“, кој ќе се одржи во летното кино „Мирно лето“, по што ќе следува проекција на филмот „Толпата“ (TheCrowd) во режија на Кинг Видор. „Ремек-делото на Видор од 1928 г. се вбројува меѓу најдобрите филмови од крајот на ерата на немиот филм, но и еден од општествено најрелевантните филмови што кога било се направени…

Со проекција на 40-ина филмови, 50-ина настани и 30-ина домашни и интернационални гости, годинава од 27 мај до 3 јуни, во Кинотека на Македонија, ќе се одржи 11. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Свечено Фестивалот ќе биде отворен на 27 мај, во 20 часот, со мини концерт на отворено на џез-составот „Јордан Костов Квинтет“, кој ќе се одржи во летното кино „Мирно лето“, по што ќе следува проекција на филмот „Толпата“ (The Crowd) во режија на Кинг Видор.

„Ремек-делото на Видор од 1928 г. се вбројува меѓу најдобрите филмови од крајот на ерата на немиот филм, но и еден од општествено најрелевантните филмови што кога било се направени. Тажната, но полна надеж сага за Џон и Мери Симс, ја прикажува суровата борба на еден млад пар од средната класа да успее во модерниот живот на големите градови. На првите доделувања на Американската филмска академија, во 1929 година, е номиниран за Оскар за најдобар филм, а Видор за најдобар режисер, освојувајќи ги толпите со неговата топла и хуманистичка приказна која нуди прецизна слика на суровите, безлични аспекти на урбаната егзистенција. Со извонредната фотографија на ХенриШарп и саундтракот на КарлДејвис од реставрираната верзија во 1981 година, ‘Толпата’ е неодминлив филмски класик за секој еден од нас“, ќе истакнат од Филозофскиот филмски фестивал.

Годинешното фестивалско издание е поделено на седум сегменти: Официјална селекција на долгометражни филмови, Официјална селекција на краткометражни филмови (двете со натпреварувачки карактер), Ревијална програма: филм-философија, Ретроспектива „Тарковски“, Едукативна програма, Првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ и Придружна програма. Почетокот и крајот на Фестивалот ќе бидат во знак на филмовите од Ревијалната програма: филм-философија којашто се навраќа на филмски класици во заедничка селекција со гостите, професори и истражувачи.

„Единаесеттото издание на ФФФ е во знакот на ‘Времето’, времето кое не одминува, времето кое нè одминува, загубеното време, (џепчиња на) пронајденото време, ‘Големата Пауза’, рефлексиите и медитациите со самите себе, потрагата по насока и ориентација, како индивидуално, така и како човештво – прашања кои сè уште се и ќе бидат со нас“, посочуваат од Филозофското друштво на Македонија, кои се организатори на Фестивалот. Од Филозофското друштво се прашуваат и дали „вајајќи во времето“ во филмот или спознавајќи се себеси како „битие во времето“ низ филозофијата, времето отсекогаш играло клучна улога во обете, седмата уметност и љубовта кон мудроста.

Инаку, филмовите ќе се прикажуваат во кино салата и на отворено, во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката, додека, едукативната програма и првата меѓународна конференција „Филозофија и филм“ ќе се одржат онлајн. Крајот на фестивалот, пак, 3 јуни, ќе биде означен со доделувањето на наградите. Фестивалот се реализира во соработка со Филозофскиот Факултет при УКИМ и Кинотеката, а покровители се Агенција за филм, Министерство за култура и Град Скопје.



4 views

Comments


bottom of page