УЕФА ги реформира трите европски купа
ФУДБАЛ
Извршниот комитет (ИК) на Европската фудбалска унија (УЕФА) на состанокот во Монтре го одобри новиот формат за клупските натпреварувања, Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ) и новата Лига на конференции (ЛК) од сезоната 2024/2025, објави УЕФА на својата интернет-страница. Во ЛШ, во која бројот на екипите од 32 ќе се зголеми на 36, најголемата промена се однесува во замената на досегашната групна фаза (осум групи со по четири тима) во една лига со сите тимови. На секој клуб ќе му бидат загарантирани 10 меча со 10 противници (сега шест меча со три екипи). Осумте најдобри ќе се пласираат во осминафиналето, а екипите од 9-то до 24-то место ќе играат во плејоф за преостанатите осум места во осминафиналето. Слични промени ќе има и во ЛЕ (осум меча во лигашката фаза) и во ЛК (шест меча). Можно е и овие две натпреварувања да се прошират на 36 екипи.
Одлуките за датумите, системот за ждрепка, форматот за финалињата, коефициентите и финансиска распределба треба да бидат донесени до крајот на годината. Во ЛШ едно дополнително место во групната фаза ќе добие клубот што е третопласиран во шампионатот на асоцијацијата што е петторангирана кај УЕФА. Друго место ќе биде доделено за домашен шампион низ квалификациите, односно бројот на клубови што ќе се пласираат ќе се зголеми од четири на пет, преку т.н. пат на шампионите. Преостанатите две места ќе бидат за клубови со највисок коефициент во последните пет години што нема да се квалификуваат во групната фаза на ЛШ, но се пласирале во квалификациите за ЛШ, за ЛЕ или за ЛК. Сите мечеви, до финалето, ќе се играат во средината од неделата, за да не се нарушува календарот на домашните првенства.
Comments