Тодоров: Македонија нема да има проблем да се пласира на следното ЕП
- Aleksandar Santovski
- Mar 4, 2021
- 2 min read
04.03.2021 mart cetvrtok
КОШАРКА
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија не ги помина квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, во групата Б беше четврта, со две победи и четири порази, колку што имаше и Естонија, но решавачка беше послабата кош-разлика. Од таа група на ЕП се пласираа Естонија и Русија, како и Италија, која како една од четирите земји-домаќини на ЕП имаше директен пласман. – Чувствата се измешани, не успеавме да се пласираме на ЕП, но има и причина за задоволство. Особено од аспект на доведување нови лица во репрезентацијата, како и начинот на кој игравме на двата дуела против Италија и оној со Естонија. Продолжуваме понатаму, јас сум оптимист затоа што во иднина сите кошаркари што сега имаат 17-18 години ќе бидат поискусни и верувам дека со помошта на поискусните кошаркари Македонија нема да има проблем да се пласира на следното ЕП. Репрезентацијата горе-долу е таа – изјави преку интернет-видеоврска селекторот Александар Тодоров, на вчерашната прес-конференција на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Што се однесува до тоа дали КФМ ќе го продолжи договорот со Тодоров, одговор даде спортскиот директор Тодор Гечевски.
– Договорот на Тодоров со репрезентацијата, уште кога го претставувавме, истакнавме дека е поврзан со пласман на ЕП. Сепак, го чекаме извештајот од селекторот, кој треба да стигне наскоро. Потоа ќе има состанок на раководството на КФМ и заедно ќе одлучиме дали договорот ќе биде продолжен. И кај нас се поделени чувствата во врска со овие квалификации. Момците покажаа карактер и тимска игра. Бевме блиску и до победа против Русија, но најверојатно неискуството и неуиграноста пресудија. Останува да продолжиме да работиме со младите, да организираме семинари и за нашите тренери, па на претквалификациите за Светското првенство во август да се покажеме во подобро светло – рече Гечевски. Претседателот на КФМ, Перо Антиќ, рече дека Федерацијата ѝ ги овозможи сите услови на репрезентацијата.
– Уште откога дојдовме на чело на Федерацијата имаме притисок. Нека се удира по нас, оставете ги кошаркарите да играат на теренот. Сме биле играчи, знаеме колку е важна поддршката од сите страни. Резултатите на крајот остануваат на нив, на играчите и на селекторот, не можеме ние да влеземе на терен и да играме наместо нив. Kако Федерација 7 ги овозможивме сите услови на репрезентацијата, направивме сѐ што е во рамките на нашите можности. Не размислувам за оставка – рече Антиќ на вчерашната прес-конференција.

Commentaires