top of page

„Танец” чека нов објект, но и подготвува голем проект со Влатко Стефановски

„Покрај гостувањето во Америка, кое треба да се случи кон крајот на годината, во Македонија во јули треба да се реализира и заеднички концерт со хрватскиот ансамбл „Ладо“. Исто така ќе имаме и аудиоиздание со цеде на Танец со шест антологиски кореографии, а следува и заеднички проект со Влатко Стефановски. Исто така доколку постои можност ќе се реализираат и велигденскиот и новогодишен концерт, како и настапите низ Македонија“, вели за весникот ВЕЧЕР, Мартин Вучиќ, директор на Танец. Тој додава дека се очекува и средба со премиерот и министерката, на кој би се разговарало за изградба на новиот објект

Од Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ откриваат дека наскоро треба да започнат разговори со Владата и Министерството за култура за нов објект, а во меѓувреме најавуваат и неколку големи проекти. Еден од нив, според првиот човек на оваа национална установа Мартин Вучиќ, е и соработката со нашиот еминентен гитарист Влатко Стефановски. За гостувањата, пак, вели, во план е турнејата за Америка кон крајот на годината, како и заеднички грандиозен концерт со националниот ансамбл од Хрватска „Ладо“…

„Што се однесува до изградбата на нов објект на ‘Танец’, кој ќе содржи и репрезентативна сала, очекуваме наскоро да се сретнеме со премиерот и Министерката за култура и да разговараме за можните опции кои ќе ни одговараат и на нас, но ќе бидат прифатливи и за Владата која оваа одлука ја донесе некаде во јуни минатата година. Очекуваме во најскоро време да почнеме да го разработуваме проектот и да го избереме најдобриот модел“, вели за ВЕЧЕР директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ. Ова го потврдуваат и од Министерството за култура. Оттаму велат: “Владата на својата 72. седница одржана на 26 јуни минатата година го поддржа барањето за ново урбанистичко-архитектонско решение, за нов дом на една од најстарите културни институции во државата, НУ Ансамбл за македонски народни игри и песни „Танец“. Во тој контекст Министерството за култура во целост ја поддржува оваа иницијатива и од тие причини во координација со раководството на институцијата, во моментов интензивно се работи на изнаоѓање на најсоодветното и трајно решение за непречено, професионално и афирмативно функционирање на оваа институција“.

„Танец“ завчера одбележа 72 години од своето постоење, а токму на овој ден беше посетен и од премиерот Зоран Заев. Тој на средбата нагласи дека Владата и граѓаните на земјата освен признанијата за „Танец“ за одржувањето на континуитетот на афирмацијата и чувањето на посебностите на нашето фолклорно наследство се тука за да ја изразат и заложбата за целосна поддршка на работата на „Танец“ што вклучува и обезбедувањето на нов соодветен објект како траен дом за нивната работа и концертрирање.

Инаку, Вучиќ посочува дека опцијата да се прошири постојниот објект не е соодветна со оглед дека тој би требало целосно да се урне и да се изгради нов, со оглед дека е граден врз бараки и е проектиран за 45 до 50 луѓе, а во моментот таму работат повеќе од 90 лица.

„Во овие услови игроорците работат во четири групи по осум луѓе на 100 метри квадратни, за да имаат растојание согласно работата во услови на пандемија. Ора не се играат бидејќи не смеат да се држат за раце. Значи, освен физички подготовки не може ништо друго да работат. Оркестарот и хорот исто така функционираат во групи, но сите зависиме едни од други и мора да се собереме за проби. Ова не е продуктивно во моментов, туку е само одржување на форма. Всушност, главниот проблем е немањето на соодветна сала. Кога би имале своја сала би правеле и концерт, дури и за десет лица. Во моментов зависиме од други сали и термините кои ни се нудат. Исто така потребно е “Танец“ да стопанисува со некој објект и да има сопствени средства, а сега зависиме исклучиво од Министерството. Еднократна инвестиција може да го растовари Министерството за 20 до 30 проценти. Таа сала може да носи годишно 25 до 30 илјади евра со рентање, а и сите фолклорни друштва би имале без пари простор за настапи“, додава Вучиќ.

Тој за ВЕЧЕР ги спомена и турнејата за Америка, која најверојатно би била реализирана од крајот на ноември до почетокот на декември.

„Во јули треба да ни гостува ансамблот „Ладо“, со кој ќе одржиме заеднички грандиозен концерт насловен „Под ѕвездите“… Исто така ќе имаме и аудио издание со цеде на „Танец“ со шест антологиски кореографии на партитури и се снимаат во студио. Сега како пакет ќе може и да се слушнат и да се отсвират. Имаме и заеднички проект со Влатко Стефановски, кој требаше да го реализираме минатата година, а го оставивме за оваа заради пандемијата. Се работи за 10 заеднички композиции. Исто така доколку постои можност ќе се реализираат и велигденскиот и новогодишен концерт, како и настапите низ Македонија. (Д.Т.)


 
 
 

Comments


bottom of page