top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Со статус на привремено заштитено добро: Ислахането во Битола се продава, но мерките ќе мора да се п

„Рокот за привремена заштита, во согласност со закон, изнесува една година, кога надлежната установа Завод и музеј – Битола треба да изготви елаборат за валоризација на доброто, со што ќе се овозможи донесување акт за заштита, односно негова трајна заштита како културно наследство“, посочуваат од Министерството за култура. „Овие објекти можат да бидат предмет на трансакции на било кого, само постојат услови како да бидат користени, односно како ќе се заштитуваат и од правен и од конзерваторски аспект“, велат од Управата за заштита на културното наследство

Ислахането во Битола, објект од периодот 1894–1899 година, е ставено под заштита со акт што го донесе Управата за заштита на културното наследство по предлог на НУ Завод и музеј – Битола, информираа од Министерството за култура.

Овој објект кој е во приватна сопственост се продава од неговите сопственици, но како што велат од надлежните институции, мерките за неговата заштита ќе мора да се почитуваат.

„Објектите кои се под привремена заштита може да се продаваат, меѓутоа мерките што се предвидени од кога ќе се направи валоризација мора да се почитуваат. Објектите можат да бидат предмет на трансакции на било кого, само постојат услови како да бидат користени, односно како ќе се заштитуваат и од правен и од конзерваторски аспект. Некогаш и срушени објекти кога се заштитени, постои можност да се ревитализираат, да се обноват, да се реконструираат. Некогаш е и добро што се во приватни раце, со условите што им се даваат, сопственикот може да направи и ексклузивни објекти“, вели за весникот ВЕЧЕР Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Костов ни појаснува и дека привремена заштита значи дека објектот е евидентиран, меѓутоа треба да се валоризира.

„Тоа значи дека треба да му се даде степен на заштита којшто може да биде употреблив понатаму за било која намена. Ние (како Управа за заштита на културното наследство) тоа го направивме, надлежната установа – НУ Завод и музеј од Битола покренаа постапка и сега во текот на една година треба да направат валоризација. Но, привремената заштита значи дека објектот не смее да се надградува, доградува, оштетува“, додава Костов.

Тој воедно посачува и дека некогаш кога објектот е во приватни раце, сопственикот многу подобро стопанисува со него. „Некогаш државата и нема толку многу пари за да ги купи сите објекти кои имаат обележје на културно наследство бидејќи нашето културно наследство е големо“, вели тој истакнувајќи дека се заштитува само кога се користи нешто, бидејќи ако не се користи –пропаѓа.

Инаку како што е познато, министерката за култура Ирена Стефоска, на одбележувањето на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, пред битолското ислахане соопшти дека е започната инцијативата за заштита на овој редок објект од османлискиот период, кој е еден од трите на Балканот, покрај ислаханите во Солун и во Скопје.

Ислахането е дел од старите турски училишта и академии во Битола каде што професори биле Тефик-беј и Данали-ефенди со нивните ученици Кемал Ататурк и Али Фести-беј. Училиштето започнало да работи околу 1900 година и било финансирано со државни средства. Во него се школувале деца кои биле сираци или од сиромашни семејства, така што истовремено функционирало и како сиропиталиште и како училиште.

„Ислахането претставува објект кој, според оценката на надлежната установа НУ Завод и музеј – Битола, спаѓа во категоријата добро за кое основано се претпоставува дека претставува културно наследство што заслужува да биде ставено под заштита поради своите историски, културни и научни вредности. Со актот за привремена заштита се утврдуваат границите на доброто и неговата контактна зона, како и режимот на заштита, со кој се утврдуваат ограничувања што произлегуваат од заштитниот статус. Рокот за привремена заштита, во согласност со закон, изнесува една година, кога надлежната установа Завод и музеј – Битола треба да изготви елаборат за валоризација на доброто, со што ќе се овозможи донесување акт за заштита, односно негова трајна заштита како културно наследство“, посочуваат од Министерството за култура. (Н.И.Т.)


2 views

Comments


bottom of page