Се урна Дарвиновиот лак на Галапагос
Познатата формација на карпи, наречена Дарвинов лак, односно Дарвинова капија, што се наоѓа на северниот дел на архипелагот Галапагос, каде што познатиот научник Чарлс Дарвин мина долго време работејќи на теоријата за потеклото на видовите, се урна во морето поради природна ерозија, соопшти Министерството за животна средина на Еквадор.
Фотографиите на урнатата структура сега прикажуваат само два камени столба, а објавени се на официјалната страница на Министерството, заедно со информацијата што го потврдува настанот.
Инаку, оваа локација е под заштита на УНЕСКО од 1978 година и претставува дом на голем број ендемски растителни и животински видови. Една од туристичките агенции што организира тури за посета на островот го забележала уривањето на Дарвиновиот лак.
– За жал, нашите гости беа сведоци на настан што се случува еднаш во историјата. Дарвиновиот лак се урна пред нивните очи, ќе ни недостига на сите – соопшти претставник на туристичката агенција „Агресор адвенчерс“.
Џин Џонс од Фондацијата за зачувување на Галапагос изјави дека уривањето на овој споменик на природата е доказ за тоа колку е кревок светот во кој живееме.
– Додека луѓето не можат да направат ништо да ја спречат ерозијата и слични геолошки процеси, можеме да се потрудиме да го заштитиме прекрасниот подводен свет. Жал ми е што лакот се урнал, беше една од главните атракции на островот Галапагос, по него се криеја најголем број морски кучиња на светот – откри Џонс.
Денес на островот живеат околу 30.000 жители.
Bình luận