Се отвораат нови музеи во Берлин, Париз, Осло, Каиро…
08.02.2021 februari ponedelnik
Оптимистички вести од целиот свет
Годината што ќе ја паметиме по ограничувањата поради коронавирусот конечно е зад нас. За време на пролетната и есенската блокада, меѓу другото, беа одложени и откажани многу музејски настани, вклучувајќи го и отворањето на некои нови музеи или на оние што беа затворени поради реновирање. Но отворање на нови музеи и музејски поставки нè очекува во 2021 година, а прв од нив е „Бурс де комерце“ со дела од колекцијата на познатиот француски милијардер и бизнисмен Франсоа Пино во Париз. Приватниот музеј на современата уметност на Франсоа Пиное е достапен за јавноста веќе од 23 јануари 2021 година.
Колекцијата на Пино вредна 1,25 милијарда долари
Музејот е сместен во поранешна берзанска зграда од 19 век, фино лоцирана помеѓу „Лувр“ и центарот „Помпиду“. Станува збор за зграда со кружна купола, адаптирана и редизајнирана за музејски цели од познатиот јапонски архитект Тадао Андо. Колекцијата на Пино содржи повеќе од 5.000 уметнички дела создадени во 20 и 21 век, кои редовно се позајмуваат за изложби низ целиот свет. Музејот ќе биде дом на неговата уметничка колекција вредна 1,25 милијарда долари. Пино, чија компанија за трговија со висока мода е сопственик на куќите како „Ив Сен Лорен“ и „Гучи“, ја реставрираше зградата што му припаѓа на градот со свои пари, а за возврат доби сопствеништво над неа во наредните 50 години. Проектот, во кој јапонскиот архитект Тадао Андо инсталираше огромен бетонски цилиндар во средината на уникатната кружна зграда, е толку амбициозен, што Андо вети дека ќе ја „одвее лошата политичка состојба во моментов и ќе ги зацели раните на брегзит“. Инаку, ова е една од најголемите трансформации на париска зграда. Берзата е уникатна кружна структура, која се наоѓа во историски кварт, а некогаш служела како пазар за жито. Се смета за една од најзначајните структури во градот, заедно со Богородичната црква, поради уникатната архитектура.
Реновираната Берлинска палата се отвора напролет
Музејот „Форумот Хумболт“ во Берлин, во реновираната Берлинска палата, пак, ќе ги отвори вратите во пролетта 2021 година. Музејот неодамна понуди дигитално отворање, преку пренос во живо, а во пресрет на настанот музејот беше критикуван поради бронзени скулптури од Бенин што се наоѓаат во неговите депоа, со што повторно беа отворени прашањата за деколонизацијата и иднината на етнографските (неевропски) збирки. Овој престижен проект е тежок милиони евра. Центарот на Берлин, каде што никна новото здание, ќе биде ново собиралиште за уметноста, културата и науката. „Форумот Хумболт“ е инициран истовремено од повеќе научни и културни институции во Берлин. Посетителите во него би требало да одат на едно глобално истражувачко патување, но и да го преиспитаат својот поглед на светот. Некои од експонатите што ќе бидат дел од трајната поставка, потекнуваат од Африка, Азија, Америка, Океанија. – Тука сакаме да го прикажеме единството на светските култури – вели Херман Парцинген, претседател на Фондацијата на пруското културно наследство, една од институциите што својата трајна поставка треба да ја пресели во „Форумот Хумболт“.
Делата на Едвард Мунк добиваат нов дом
Новиот музеј „Мункмузет“ во Осло, пак, во кој ќе биде сместена колекцијата на најпознатиот норвешки сликар Едвард Мунк, исто така треба да биде отворен во пролетта 2021 година. Станува збор за музеј на тринаесет ката, изграден во областа Бјервик во градот, недалеку од Операта, со 11 галерии и повеќе од 26.000 квадратни метри наменети за музејски и други културни експонати. Архитект на новата зграда на музејот е Шпанецот Хуан Херерос. Едвард Мунк е запаметен како водечки сликар на постимпресионизмот и пионер на експресионизмот. Неговото основно дело „Врисок“ е едно од најзначајните уметнички дела на модернизмот на 20 век и една од најпрепознатливите слики во светот. Делото е обработено на различни начини од Едвард Мунк лично, во четири слики и една литографија помеѓу 1893 и 1910 година. До денес, тоа сè уште е најпознатата слика на Мунк – но во никој случај не е единствено негово извонредно дело.
Конечно вратите ги отвора и Големиот египетски музеј
Исто така наскоро ќе биде отворен и Големиот египетски музеј во Гиза. Нивната најголема музејска поставка, скулптура висока 11 метри и 83 тони на Рамзес Втори, од црвен гранит, се наоѓа во атриумот чија изградба може да започне само по поставувањето на скулптурата. Отворањето на музејот требаше да се случи напролет, но беше одложено и музејот треба да биде отворен до летото 2021 година. Но додека драгоценостите на Тутанкамон полека се подготвуваат за туристите, некои критичари на музејот гледаат како на проект што е симбол на египетската суета. Во огромното засенчено фоаје на новиот египетски музеј е сместена колосална статуа на Рамзес Втори, околу која се довршуваат другите конструкции. Ако се исполнат ветувањата за скорашно комплетирање на музејот, статуата (тешка 83 тона) на третиот фараон од 19-та египетска династија, познат и како Озимандиас на грчки, ќе биде првата глетка што ќе ги пречекува посетителите што ќе влегуваат во зградата со големина од 500.000 квадратни метри. Висока повеќе од девет метри, статуата речиси го допира засводениот таван на оваа грандиозна конструкција, во која се очекува да бидат сместени околу 100.000 предмети. Многу од нив ќе бидат изложени првпат, исто како и 3Д-киното со 250 седишта, но и забавниот детски музеј. Големиот музеј ќе нуди и панорамска глетка кон Големите пирамиди во Гиза. – Големиот музеј е подарок од Египет за целиот свет – изјави Калед ел Енани, министерот за културно-историско богатство, користејќи го слоганот што беше кажан по повод отворањето на вториот Суецки Канал во 2015 г.
Калдер во „Ноје националгалерие“ во Берлин
По шестгодишна пауза поради реновирање, музејот „Ноје националгалерие“ во Берлин, познато дело на архитектот Мис ван дер Рое, треба повторно да се отвори летото 2021 година. Според најавите, по повод отворањето ќе биде поставена изложба на скулпторот Александар Калдер. Александар Калдер, познат на многумина како Сенди, е американски скулптор од Пенсилванија. Тој е син на познатиот скулптор Александар Стирлинг Калдер, а неговите дедо и мајка исто така биле успешни уметници. Александар Калдер е познат по скулптурите од жица, познати како мобили, еден вид кинетичка уметност што има цел да постигне баланс и суспензија во воздухот. Првично, Калдер користел мотори за да ги придвижи своите дела, но наскоро се откажал од овој метод и започнал да ги користи само воздушните струи. Бил машински инженер на институтот за технологија „Стивенс“ во раните 1920-ти години. Почнал сериозно да се занимава со уметност неколку години по добивањето на оваа диплома.
Музеј добива и Американската филмска академија
Годинава ќе се отвори и Музејот на Американската академија на филмската уметност и наука во Лос Анџелес. Според нивната веб-страница, музејот се отвора на 30 септември 2021 година. Колекцијата се состои од предмети поврзани со филмот и филмската технологија, како и материјал на хартија, филмски фотографии и плочи, а е изграден според дизајн на архитектот Ренцо Пијано. Музејот ќе се протега на шест ката со изложбени простори, простори за едукација и специјални настани, како и студио за конзервација и кафуле и продавница за музеи. Музејот исто така ќе има две сали за проекција, со 1.000 и со 288 места, во кои ќе се одржуваат филмски програми, панели и конгреси во текот на годината. Во септември, музејот објави дека првата привремена изложба ќе биде посветена на јапонскиот аниматор Хајау Мијазаки.
Comments