top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Сашко Коцев тргна да ја обнови сообраќајната и ги освои и Берлин и Бејрут…

08.02.2021 februari ponedelnik

По филмските фестивали во Германија, Италија, Турција… Коцев деновиве ја освои наградата за најдобар актер и на големиот Beirut Shorts International Film Festival во Либан за неговата улога во краткиот филм „Налепница“ на Георги Унковски. “Ова е еден од филмовите кои ги снимавме без некакви претензии и амбиции, едноставно снимавме дело кое сите нè засегна и нè стави на иста фреквенција. Ова е приказна за малиот човек растргнат помеѓу работата и семејството, правичноста и неправичноста во општеството…“, вели Коцев за весникот ВЕЧЕР. По успешниот фестивалски пат, “Налепница“ е во трка за номинација за наградата Оскар

Популарниот македонски актер Сашко Коцев, кој на македонската публика и е познат главно по улогите во долгометражните филмови, токму со краткиот филм “Налепница“ на Георги М.Унковски освои најмногу награди. По признанието за најдобар актер на Фестивалот за кратки филмови Social World Film Festival во Берлин, Германија, две награди на фестивали во Италија, награда за најдобар актер на Usak Film Festival, Турција…, Коцев деновиве беше прогласен за најдобар актер во категоријата интернационален краток филм и на големиот Фестивал Beirut Shorts International Film Festival, кој се одржа во Либан. Наградата е токму за неговата улога во деветнаесетминутната црна комедија „Налепница“ каде Коцев кој го игра главниот лик, по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми…


За самиот филм кој му донесе голем број награди Коцев за весникот ВЕЧЕР изјави: “’Налепница’ постојано добива понуди за учество на фестивали. Фестивалот во Бејрут е голем филмски настан, со голема конкуренција. И буквално после овој фестивал, фестивалот “Ин д палас”, Филмскиот фестивал во Нешвил, САД и на Санденс…, филмот е во трка за номинација за наградата Оскар. Ова е еден од филмовите кои ги снимавме без некакви претензии и амбиции, едноставно снимавме дело кое сите нè засегна и нè стави на иста фреквенција. Ова е приказна за малиот човек кој сака да игра според правилата, растргнат помеѓу работата и семејството, правичноста и неправичноста во општеството… Човек кој цело време брза за да стигне и да се покаже како добар татко… Се работи за една мала приказна за која никогаш не би помислил дека ќе освои толку награди, но правила нема. Многу коцки треба да се поклопат, а потоа сè оди како лавина“, објаснува Коцев.

Инаку, краткометражниот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски учествуваше на повеќе од 170 филмски фестивали и доби десетици награди (меѓу кои најдобар краток филм на Меѓународниот фестивал за краток филм “Ин д палас” – со кој се квалификуваше во трката за номинација за наградата ОСКАР, најдобар краток игран филм на Филмски фестивал во Нешвил, САД, најдобар краток филм на Бруклин Филм Фестивал, САД), освои нови три награди на Usak Film Festival, Турција и тоа: награда за најдобра режија, за најдобар актер во главна улога и за најдобар дизајн на звук…

“Успехот на „Налепница“ нè фати неподготвени. Очекувањата во однос на тоа што ќе се случи кога ќе го завршиме филмот беа скромни. Работевме на тоа да имаме филм што ќе биде забавен за гледање и зад кој можеме да застанеме. Меѓународниот успех ни покажа дека нашиот квалитет може да биде и широко признаен. За жал, целиот успех се случи во екстремно тешка година“, изјави за ВЕЧЕР Унковски.

Филмот е во продукција на „Cinema Futura“. Главната улога во филмот ја толкува Сашко Коцев, а останатите улоги ги толкуваат Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски – Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.

Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук на Сашко Потер Мицевски. Филмот се снимаше 6 дена на повеќе локации низ Скопје, а премиерно беше прикажан во киното „Фросина“, во септември 2019 година.

Филмот е поддржан од страна на Агенцијата за филм во 2018 година. Директорот Бојан Лазаревски, пак, посочи дека и во овој филмски проект беше препознаен квалитет, кој е веќе признаен и во светски рамки. (Д.Т.)

4 views

Comments


bottom of page