Сарагоса против Пинар Каршијака за пласман во финалето
КОШАРКА – ЗАВРШЕН ТУРНИР НА ФИБА ЛШ
Шпанска Сарагоса, за која настапува македонскиот репрезентативец Џејкоб Вајли, се пласира во полуфиналето на завршниот фајналејт-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ) на ФИБА, откако го изненади домаќинот на турнирот, Нижни Новгород од Русија, со 86-78. Домаќинот беше подобар во првите 10 минути (28-23), но следните две четвртини им припаднаа на гостите, кои во последниот период стартуваа со предност од осум коша (66-58). Џејкоб Вајли, заедно со Дилан Енис и Елиас Херис, беше предводник на победата. Македонскиот репрезентативец мина 26 минути на теренот, при што реализира 15 коша (7/10 за два и 1/2 за еден поен), односно имаше 70 отсто реализација на шут од поле, а придодаде и осум скока. Најпрецизен беше Енис со 26 поени. Во полуфиналето Сарагоса денеска ќе се сретне со турскиот претставник Пинар Каршијака, кој, пак, со 84-73 го совлада чешки Нимбурк. Во преостанатите две полуфинални средби играни синоќа, силите ги одмерија Леново Тенерифе од Шпанија и Стразбур од Франција, односно Хапоел од Израел и Хереда Сан Пабло Бургос од Шпанија. Победниците од овие дуели ќе играат меѓу себе денеска за пласман во финалето. Натпреварите за трето (15 ч.) и за прво место (18 ч.) се в недела.
Yorumlar