top of page

Промоција на книгата: „Македонски визуелен идентитет…” од Вренцоска

Книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ од македонската уметница, дизајнерка и професорка Гордана Вренцоска, ќе биде промовирана онлајн денека (23 март), во 19 часот на страницата на „Фејсбук“, на издавачката куќа „Арс Ламина“. Ова дело е реализирано со поддршка на Министерството за култура и општина Виница, а е достапно во книжарниците на „Литература.мк“ .

Онлајн-промоцијата ќе ја води уредникот на изданието Филип Видиновски. Оваа книга, која произлезе од докторската дисертација на авторката со ист наслов, се занимава со македонската визуелна „генетика“ и ги истражува македонските визуелни културни традиции во ерата на брзите и драматични општествени промени.

Вренцоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на отсекот сликарство со модно креирање. Интердисциплинарните магистерски студии по дизајн ги завршила на колеџот за уметност и дизајн „Централ Сент Мартинс“ (Central Saint Martins College of Art and Design) во Лондон, како стипендист на престижната британска програма „Чивнинг“.

Докторската теза ја одбранила на Институтот за фолклор во Скопје, под менторство на проф. д-р Антоанела Петковска. Реализирала 14 самостојни изложби и учествувала во многубројни групни изложби во Македонија, Полска, Велика Британија, Италија, Германија, Белгија, Хрватска, Австрија, САД, Кина, Србија и други земји. Вренцоска работи како редовен професор по визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.


 
 
 

Comments


bottom of page