ПРВА ПРЕМИЕРА ПО ОТВОРАЊЕТО НА ТЕАТРИТЕ: Во време на амбалажа, Кармен го полни Драмски
„Јас сум жена со принципи, а во ова време принципите не функционираат”, „Ова е време на амбалажа – поважно e што се гледа однадвор, а не што има внатре”, се само две реплики од неколку десетици изговорени од Кармен, кои се врежуваат во гледачот, а кажани од жената која го оплакува штотуку починатиот сопруг (Марио) притоа вешто правејќи ретроспектива на нејзиниот живот. Таа е жена од средна класа, без високо образование, мажена за гимназискиот професор Марио, кој потекнува од пролетерско семејство,од ниска класа, со висок морал, образован и чесен човек, а сè спакувано како монодрама на Биљана Драгиќевиќ-Пројковски, која час и половина, без здив, и без да трепнат, и таа и публиката, на сцената на Драмски го оживеа романот „Пет часа со Марио” од славниот шпански писател Мигел Делибес. Сите реплики до една, изговорени на сцената на Драмски, се како пресликани од актуелното секојдневие, како да се напишани вчера или прочитани како пост на Фејсбук.
Преку одличната трансформација во патувањето низ годините, актерката, преку монолог јасно и експлицитно ни ги долови фрустрациите кои ги има Кармен: му префрла на сопругот што не ѝ купил барем фиќо, што бил задоволен со тоа што го има, а уште повеќе што тој бил среќен кога се возел со неговиот велосипед. Сите прекорувања на Кармен, упатени на сопругот, на крајот се сведуваат на материјалното. А дека таа вреди, аргумент и се комплиментите на вработениот во дуќанот за хемиско чистење во соседството и погледите што ги добила од другите момчиња кога била помлада.
Од претставата јасно може да се видат социјалните, статусните разлики помеѓу семејствата на Кармен и на Марио, и ироничната перспектива на малограѓанштината како и сликата на социјалната неправда. Од една страна, мајката на Кармен имала достоинствен, коректен и добар живот, а нејзиниот татко бил новинар, а од друга страна, мајката на Марио била домаќинка без многу манири, а татко му вечен песимист. Сепак, за Кармен, која е статусно повисоко од Марио, книгите кои имаат корици во силни бои, особено тие потешките, одлично и послужиле да ги стави на глава за да научи исправено да оди и како од каква позиција да гледа.
Режијата е на Дејан Пројковски, кој периодов собира награди на театарските сцени и фестивали во регионот, на кој веројатно и не му требало голем напор да создаде ваква гледлива претстава зошто Драгиќевиќ, штом застане на сцена, таа е театар. Сценографијата е на Валентин Светозарев, работена во неговиот препознатлив манир, впечатливо и ништо повеќе од потребното. Костимите соодветни на времето во кое се случува дејствието (шеесет и некоја, минатиот век, а рековме како вчера да е пишувана) се на Раде Василев. Музиката е на Горан Трајковски, а сценските движења на Олга Панго. Добро проверена екипа.
Романот „Пет часа со Марио” е објавен во 1966 година и е вбројан во сто најдобри романи на дваесеттиот век. Претставата по која долго се аплаудираше, се играше според предвидените протоколи во услови на пандемија. (Л.Г.Д.)
Comments