Плановите за Суперлигата пред згаснување по низата откажувања?
Плановите за европската Суперлига се пред распад откако Челси, Манчестер сити, Барселона и Атлетико Мадрид наводно се повлекуваат од плановите за настап во елитното фудбалско натпреварување.
Според „Би-би-си“, сопственикот на Челси, Роман Абрамович, донел одлука да се подготват документи за повлекување на клубот од Суперлигата по притисокот на навивачите и на јавноста, а според „Сан“, Манчестер сити веќе донел ваква одлука. А фудбалерите на Ливерпул исто така упатија заедничка порака дека се против идејата за натпреварувањето.
Во Шпанија, пак, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, објави дека неговиот клуб нема да се приклучи на Суперлигата додека тоа не го одобрат навивачите.
– Ова е нивни клуб, тоа е нивна одлука – изјавил Лапорта.
„Скај њуз“ извести дека извршниот директор на Манчестер јунајтед Ед Вудворд поднел оставка, што укажува дека клубот од „Олд Трафорд“ исто така ќе се откаже од Суперлигата. Според најавите, Вудворд ќе ја извршува функцијата до крајот на годинава.
Вудворд беше сметан за еден од идеолозите на Суперлигата заедно со првите луѓе на Реал Мадрид и на Јувентус, Флорентино Перез и Андреа Ањели.
Comments