Оскаровката Ема Стоун ќе ја глуми „Круела“ во истоимениот филм за 101 Далматинец
19.02.2021 februari petok
Филмот „Круела“, во кој глуми американската актерка, оскаровката Ема Стоун, преку првиот трејлер е претставен на официјалниот канал на продукцијата на Волт Дизни. Стоун ќе ја игра улогата на култниот негативец од филмот „101 Далматинец“, поточно познатата Круела де Вил, а заплетот на новиот филм ќе биде подреден на животот на младата Круела.
„Во 1970 година во Лондон, младата модна дизајнерка Естела де Вил беше опседната со кучиња, особено со Далматинците, сè додека на крајот не стана немилосрдна и застрашувачка Круела“, стои во описот на филмот на официјалниот канал на Дизни.
Она што може да се забележи на самиот трејлер и во описот на филмот е дека Дизни има тенденција да го насочи фокусот на дејството на филмот кон главните негативци, што е многу популарна идеја во филмската индустрија во последно време.
Многу филмски критичари истакнаа дека Дизни се стреми кон успехот на филмот „Џокер“ со овој филм, во кој заплетот е подреден на главниот негативец од серијата филмови за Бетмен.
Покрај Стоун, во новата продукција на Дизни ќе играат и Ема Томпсон, Џоел Фрај, Пол Волтер Хаузер, Марк Стронг и Емили Бичам.
Кога станува збор за режија, режисерот Крег Гилеспи, чие последно режисерско достигнување е во филмот „Јас, Тоња“, ќе учествува во режијата на „Круела“. Улогата на извршен продуцент на филмот ќе ѝ припадне на Глен Клоуз, која, интересно, ги играше улогите на Круела во верзијата на филмот „101 Далматинец“ од 1996 година.
Според најавите, филмот „Круела“ треба да се појави во кината на 28 мај.
Comments