Општината била единствениот наш парламент каде што се зачувал стариот словенски дух
Updated: Sep 23, 2021
22.09.2021 Septemvri Sreda
Македонското христијанско општество кон крајот на 18 век манифестира исклучителна живост и енергичност, со што започнува македонската културна и национална ренесанса. Истражувачите велат дека преродбенската култура има три градива – јазик, традиција и туѓи влијанија. Затоа се тврди дека јазикот бил базичната основа врз која се градела „новата“ култура. Но ова искажување е само делумно точно. Доколку внимателно се проследат историските настани и процеси од првата половина на 19 век, очигледно е дека православната христијанска религија имала првостепено значење, а потоа јазикот и борбата против туѓите влијанија. Православната црква секогаш имала значајно места во културниот живот на македонскиот народ. Не случајно црквите и манастирите беа и се бастион во кои се зачувале и се зачувуваат македонските културни особености, особено во текот на вековните туѓи владеења. Всушност тие ги спречиле и ги спречуваат асимилацијата и апсорбирањето на македонските национални обележја од страна на туѓите култури и влијанија. Македонската ренесанса започнува со изградбата на нови цркви во градовите и во селата. Во суштина, новите верски храмови биле првата надворешна манифестација и начин на изразување во новата епоха.
Македонскиот преродбеник изразувал длабока вера во христијанството и редовното посетување на црковните служби и манастири. Георги Томалевски вели дека во црквата „секоја недела таму се читало божјото слово на мајчин јазик. За тие што знаат како се градат и зачувуваат светилниците на народниот дух, тоа не е нешто мало, вообичаено. Во тој акт се крие едно особено чувство, еден култ, едно второ верско исповедување. Одењето во црква, таа бесчујна демонстрација е ден пред народната свест.“ Очигледно е дека црквите и манастирите биле единствените јадра околу кои се групирало македонското христијанско население. Црквите биле центарот и тежиштето на културно-народниот живот, смислата на нивите погледи и мислења за светот околу нив, околу црквите се изградиле училиштата и се појавиле црковно-училишните општини. По изградбата на црквите, започнува нов стадиум во преродбеничкиот процес, кој се одликува со промени во образованието и изградба на училишта. Ќелијните училишта, кои служеле за образовање на верскиот кадар, станувале световни за ги задоволат потребите на народот, а паралелно се зголемувал бројот на училиштата и се создавал првиот училиштен кадар. Во 18 век, училишта имало во манастирите Трескавец, Бигорски, Лесновски и др. Во 1817 година, во Кичево учителствувал Јоаким Крчовски, а во 1820 година Крчовски учителствувал во манастирот Слепче, Прилепско, во тамошното ќелијно училиште. Во овој период, Крчовски објавува пет книги, а меѓу нив се „Слово исказаное заради умирание“ и „Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“, печатени во 1814 година. „Слово исказаное заради умирание“ всушност е „првата книшка на народен македонски јазик“, составена од проповеди наменети за воспитување во христијански дух, а од насловната страна на „Повест ради страшнаго и втораго пришествија Христова“ дознаваме дека Крчовски бил учител во едно од манастирските училишта каде што наставата се одвивала на македонски народен јазик.
Во средината на 19 век, црковно-училишните општини се оформуваат како темел на македонската преродба. Околу црквите и манастирите се создаваат црковно-општинските епитропства. Овој процес се канализира во 1839 година, кога централната османлиска власт го признава правото на градското население да има свои претставници пред месните власти. Овие привилегии им овозможиле на црковно-училишните општини да се манифестираат како орган на локална самоуправа. Општините се грижеле за образованието, црквите, општествените потреби и слично. Општините станале посредник помеѓу христијанското население и османлиската власт. Споменатите црковно-училишни општини имаат извонредно значење за македонското национално обособување. Затоа истакнатиот македонски деец Петар Поп Арсов вели: „Општината била единствениот наш парламент, каде што се закрепнувал и зачувал, стариот демократски словенски дух на нашиот народ, единствената народна институција.“
Comments