МСУ по повод снимката која ја разбранува јавноста: Настанот беше предвреме завршен, беше викната и п
„Музичкиот перформанс се одржа на отворено пред платото на Музејот на Македонија, како составен дел на кураторскиот концепт од 13. Биенале на млади уметници. Кога започна настанот на отворено, редарите кои го одржуваа редот по некое време проценија дека бројот на луѓе што се собраа ја надмина бројката што ја очекуваме и по нивно барање беше викната полиција. Музиката беше веднаш прекината, настанот беше предвреме завршен, а публиката за кусо време се разотиде“, изјави за весникот ВЕЧЕР, директорката на Музејот на современата уметност, Мира Гаќина, а по повод снимката која се прошири на социјалните мрежи на која се гледа забава со диџеј и на која присуствуваат повеќе млади луѓе без маски и без почитување дистанца. Настанот се случи како дел од 13. Меѓународно биенале на млади уметници „Страст за лутање“.
„Биеналето е редовна програмска активност за афирмација на младите уметници и следење на уметничката продукција во период од две години. Оваа година се одржа во четири институции за да се потенцира вредноста на архитектонските дела од доцната модерна во Скопје. Покрај МСУ, делата на младите уметници беа изложени во Природонаучниот музеј, Музејот на Македонија и Управата за хидрометеоролошки работи“, посочува директорката Гаќина.
Таа воедно за јавноста објаснува и дека изложените дела од Биеналето на млади уметници беа поставени внатре во институциите. „Отворањата се одвиваа според протоколите пропишани за организација на јавни настани во време на пандемија, а тоа значи дека последователно беа пуштани по 30тина луѓе на кои на влезот им беше мерена температура и направено дезинфекција на рацете. Сите посетители без исклучок во затворените простории носеа маски“, истакнува Гаќина.
Посочува и дека МСУ, којшто е организатор на Меѓународното биенале на млади, како одговорна институција, искрено жали што еден ваков програмски настан бил препознаен како атак по јавното здравје. „Се разбира уште од почетокот на пандемијата ние се однесуваме крајно одговорно кон оваа глобална криза. Не само што ги преземавме сите мерки во рамките на нашата установа во целиот овој период, туку направивме сè за да ја дигнеме јавната свест во однос на сериозноста на оваа закана“, додаде таа.
Инаку, снимката на која се гледа забава на повеќе млади луѓе ја разбранува јавноста. Се најавуваат казни за непочитувањето на мерките за заштита од ковид- 19, имајќи предвид дека според важечките мерки, забави со диџеј сè уште се забранети.
Инаку, на Меѓународното биенале се претставени дела на повеќе од триесетина креативци од државата, Балканот, Европа. „Биеналето на млади уметници секоја година привлекува внимание бидејќи се претставуваат млади и сè уште неетаблирани уметници, па тоа всушност креира и интерес и жед да се види што е тоа новото што доаѓа во уметноста. Со изложување на делата на четири локации годинава целта е да се искористи потенцијалот на другите простори и тие да оживеат. Исто така сакавме да укажеме и на модернистичкото наследство на градот, бидејќи се работи за објекти од модернистичката архитектура“, изјави за весникот Вечер Артан Садику, еден од кураторите. Тој, исто така, укажа и на важноста на претставување на младите уметници. „Уметниците во едно општество воопшто ги претскажуваат проблемите и кризите кои доаѓаат. Тие се важни информатори за едно општество, а младите уметници пак се најдобри информатори за иднината на едно општество. Од младите гледаме како тие се однесуваат кон општеството, кои се нивните идеи, а кои понатаму ќе стануваат доста присутни во културниот живот. Па ако сакаме да знаеме како ќе изгледа иднината во наредните 20 години треба да се посети Биеналето“, додаде пред отворањето Садику. (Н.И.Т.)
Comments