Меси е на еден гол до рекордот на Пеле
05.07.2021 Juli Ponedelnik
ФУДБАЛ – КОПА АМЕРИКА
Бразил – Перу (утре во еден часот) и Аргентина – Колумбија (в среда од три часот) се полуфиналните двојки на 47-то издание на јужноамериканскиот фудбалски шампионат, Копа Америка, кој се одржува во Бразил. Аргентина ја совлада репрезентацијата на Еквадор во четврт-финалето со 3-0 и се пласира во полуфиналето. Лионел Меси го постигна 76-от гол за Аргентина (од слободен удар) и асистираше при постигнувањето на другите два. Меси е на само еден гол од рекордните 77 на Пеле, кога станува збор за јужноамерикански репрезентации. – Отсекогаш сум велел дека индивидуалните признанија се споредни, ние сме тука за нешто друго. Имаме цел и фокусирани сме на тоа – изјави Меси, кој е слободен играч откако му истече договорот со Барселона.
Меси во дресот на Аргентина нема освоено ниту еден позначаен трофеј. Во Копа Америка, „гаучосите“, кои се 14-кратни шампиони, последен пат победија во 1993 година, а потоа трипати беа поразени во финалето (во 2007-та од Бразил, и во 2015-та и во 2016-та од Чиле). Колумбија го елиминира Уругвај, на пенали, откако мечот заврши без голови, 0-0. Поранешниот чувар на мрежата на Арсенал, Давид Оспина (32), беше херојот на Колумбија во пенал-рулетот, на 112-от рекорден настап за Колумбија, еден повеќе од Карлос Валдерама. Бранителот на титулата, Бразил, го совлада Чиле во четврт-финалето со 1-0, иако четириесетина минути играше со 10 фудбалери, по исклучувањето на Габриел Жезус. Во полуфиналето, во реприза на финалето од 2019 година, Бразил ќе игра со Перу, кој тогаш го победи со 3-1. Перу, пак, стигна до полуфиналето со победата над Парагвај, со 4-3 на пенали, откако во регуларниот дел немаше победник, 3-3. Финалето ќе се игра на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро, в сабота.
Comments