Македонското трио „Аура“ ќе настапи на Интернационалниот музички фестивал во Врање
- Aleksandar Santovski
- May 11, 2021
- 1 min read
Македонскиот камерен состав трио „Аура“ денеска ќе настапи на 21. Интернационален музички фестивал „Мај месец музике“.
Фестивалот се одржува во Концертната сала на Музичкото училиште во Врање, а свеченото отворање ќе биде во театарот „Бора Станковиќ“, со концерт на Новосадскиот камерен ансамбл.
Триото ќе се претстави со делата од Морлачи, Доницети, Пиацола и Коетсиер.
„Аура” го сочинуваат тројца македонски музички уметници, флејтистот Страшо Темков, пијанистката Ана Гацева и фаготистот Марјан Милошевски. Тројцата работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Австрија, Азија, Англија, Африка, Бугарија, Германија, САД, Словенија, Србија и Франција.
Триото промовира дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав, а нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.
Извор: МИА

Comentarios