„Литературни искри“: Гран-при за поетесата Фросина Тасевска
Поетесата од Штип Фросина Тасевска е добитничката на Гран при наградата на осмото издание на меѓународниот фестивал „Литературни искри“, што годинава поради пандемијата се одржа на интернет. На меѓународниот конкурс се пријавија 126 автори, а покрај Македонија конкурираа и поети од Словенија, Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина. За најдобар странски автор на „Литературни искри“ е прогласена Аида Ораховац, од Куч, Црна Гора. Првата награда му припадна на Владо Поповски од Скопје, а втората на Тони Павлески од Прилеп. Третата награда за поетска творба ѝ е доделена на Сања Нечовска од Скопје. За најуспешна млада искра, пак, е прогласен шеснаесетгодишниот Елмин Елези од Скудриње, Општина Маврово и Ростуше. Меѓународниот поетски фестивал „Литературни Искри” се организираше во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Во пресрет на одржувањето на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри” 2021, излезе од печат поетската збирка со дела на учесници на конкурсот. Во збирката има по една творба на 45 автори кои ги избра-жири комисија.
Комментарии