Кралицата на Доломитите е подготвена за алпските ѕвезди
08.02.2021 februari ponedelnik
СКИЈАЊЕ – ПОЧНУВА 46. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Кортина д’Ампецо е подготвена за Светското првенство (СП) во алпско скијање, кое вчера требаше да има свечено отворање, а денеска е планирано да се вози првата трка, во алпска комбинација за жени. Кралицата на Доломитите ќе биде фокусна точка во светот на скијањето, а најдобрите спортисти во различни дисциплини ќе се тркаат за медалите, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница. Импресивни се бројките што стојат зад организацијата на големото натпреварување во зимски спортови во ерата на пандемијата на кронавирусот. Постојат пет падини (скијачите ќе се тркаат за медали на четири од овие, а едната е наменета за квалификациските трки), ќе има 13 трки за толку светски титули, ќе се доделат вкупно 39 медали, 600 спортисти од 70 земји ќе се натпреваруваат во текот на 14-те дена од настанот, вклучени се вкупно 3.500 лица, заедно со персоналот, волонтерите и членови на федерациите, 450 мажи и жени што работат на патеките, 550 акредитирани медиуми, инсталирани се 140 ТВ-камери и 90 од нив ќе работат истовремено…, пишува ФИС.
На програма се и трките во супервелеслалом за мажи и за жени (утре), алпска комбинација за мажи (среда), спуст за жени (сабота) и за мажи (недела), паралелслалом поединечно за мажи и за жени (16.2) и тимски (17.2), велеслалом за жени (18.2) и за мажи (19.2), како и слалом за жени (20.2) и за мажи (21.2). СП во Кортина д’Ампецо е 46-то во низа (првото е одржано во 1931 година во Швајцарија), трето во тој италијански зимски центар (претходно во 1932 и во 1956 година). Досега медали освојувале скијачи од 19 земји, Австрија е најуспешна (96 златни медали), потоа следуваат Швајцарија (66), Франција (45) итн. На минатиот Мундијал, во Оре (Шведска), во 2019 година, репрезентациите на Норвешка, Швајцарија и на САД освоија по два златни медала, по еден Австрија, Франција, Италија, Словачка и Словенија, а поединечно Микаела Шифрин (САД) освои златни медали во супервелесалом и во слалом и бронза во велеслалом.
Comments