Кој ќе ме глуми? Бој Џорџ во потрага по актери за биографски филм
Британскиот пејач Бој Џорџ најави во вторникот дека бара актер кој ќе го портретира во музички биографски филм, кој треба да почне да се снима ова лето. Фронтменот на „Калчр клаб“, еден од најпознатите бендови од осумдесеттите години на минатиот век, чие вистинско име е Џорџ О’Дауд, се огласи на социјалните мрежи за да ја обелодени својата намера. Во видео, тој рече дека актерот од Line of Duty, Даниел Мејс, ќе го игра неговиот татко, и додаде „има шпекулации дека ќе се појави и Киану Ривс“. „Со голема возбуда ви најавувам дека филмот за мојот живот и за Culture Club, со наслов Karma Chamelеon, ќе се снима ова лето во Лондон и низ целиот свет“, напиша тој. „Има само еден проблем, и е доста голем – кој ќе ме глуми? Бараме храбар млад актер од кое било место во светот, кој ќе ја преземе улогата на неговиот живот “. Филмот, насловен по мегахитот „Карма Камелеон“, е во режија на Саша Џервази. Ќе ги следи „скромните почетоци на пејачот во ирско работничко семејство, преку неговото издигнување на врвот на меѓународните топ-листи со ‘Калчр клаб’“, гласи соопштението за печат.
Comments