Колина: Битен е квалитетот на судиите, не полот
На интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), легендарниот судија, Италијанецот Пјерлуиџи Колина говори за видеоасистент-судијата (ВАР) и за сѐ поголемата застапеност на жените судии на фудбалските натпревари. Колина е вистинска судиска икона, еден од најпознатите во историјата на фудбалот, чија кариера кулминира со финалниот меч Бразил – Германија, на Светското првенство (СП) 2002, во Јужна Кореја/Јапонија. Сега Колина има друга влијателна улога како претседател на Судискиот комитет на ФИФА, позиција што вклучува развој на судиите и на сите аспекти поврзани со судењето.
– Целта на ФИФА е да има фер резултати на натпреварите, а технологијата е таа што може да помогне да се постигне оваа цел. Дел од визијата на претседателот Џани Инфантино е во иднина ВАР да биде подостапен за што е можно поголем број земји-членки. Ние се обидуваме да најдеме решение со користење што е можно помал број камери – вели Колина.
Колина, исто така, го спомна и сѐ поголемиот фокус во развојот на жените судии. Тој факт го потврди Бразилката Едина Алвес Батиста, која неодамна ја делеше правдата на клупското Светско првенство во Катар.
– Бевме среќни поради доброто судење на Едина и на нејзините помошнички судии, но не бевме изненадени. Сите одлуки во однос на одредувањето на судиите за натпреварите се донесуваат врз основа на нивниот квалитет – појаснува Колина.
На прашањето за вклучување жени судии на СП, Колина вели дека се размислува и за тоа.
– Ние подготвуваме судии, не подготвуваме машки или женски судии. Само критериумите за квалитет се вреднуваат и се битни. Има време да се донесе одлука за тоа и јас посакувам сите судии, машки и женски, да имаат можност да бидат дел од ова натпреварување, бидејќи тоа е искуство што го доживеав двапати во мојот живот и можам да кажам дека едноставно е одлично – истакнува Колина.
Comments