Катерина Коцевска, в.д. директорка на Драмски: Оптимисти сме дека летово ќе играме пред публика
08.04.2021 April Cetvrtok
„Драмски театар ќе започне и со целосно реновирање на тоалетите за публика, како и водоводната и канализациона мрежа поврзана со овој дел. Освен тоа, Драмски театар доби средства за набавка на светлосна опрема со што ќе го подновиме нашиот светлосен парк со нови тела, што ќе го дозбогати визуелното доживување на публиката“, вели за весникот ВЕЧЕР Катерина Коцевска Хаџи Василева, в.д. директорка на Драмски театар-Скопје
„Драмски театар Скопје годинава ќе реализира четири проекти од областа на драмската дејност, поддржани од Министерството култура. Сепак, мора да се има предвид неизвесноста на состојбата со вирусот ковид-19 и новите рестрикции или олабавување на рестрикциите кои веќе постојат. Нашите процени беа дека оваа година до крајот на месец јуни ќе успееме да се вратиме во нормала и дека нема да има потреба да се работи по строгите протоколи кои ги утврдивме минатата година, но, ете, ситуацијата сè уште не го дозволува истото“, вели Катерина Коцевска Хаџи Василева, в.д. директорката на овој театар во разговор за весникот ВЕЧЕР.
Како што истакнува таа, првиот проект за годинава е претставата „Кармен“ по текстот „Пет часа со Марио“ на шпанскиот писател Мигел Делибес, монодрама на Биљана Драгиќевиќ Пројковска, а во режија на Дејан Пројковски.
„Вториот проект е ‘Птица со главата меѓу нозе’ по текст и во режија на Коле Ангеловски, одбележувајќи ја неговата 60-годишна творечка дејност во културата во државата. Третиот проект е префрлен од минатата година, поради неможноста за реализација на истиот со мерките кои беа на сила. Текстот ‘Кафезот кај откачените’ од драмскиот автор Жан Пуаре, ќе го режира Димче Николовски, а последниот проект, кој исто така е префрлен од минатата година е ‘Чудна случка со кучето во ноќта’ по текстот на Сајмон Стивенс, а во режија на Зоја Бузалковска“, посочува Коцевска Хаџи Василева.
Таа воедно истакнува дека сите овие проекти се поддржани од страна на Министерството за култура и нивното финансирање е во целост исполнето, како што е предвидено во апликациите.
„Останува да видиме дали ќе се создадат услови да се реализираат проектите, затоа што некои од нив бараат поголем број на ангажирани лица, а со тоа не сме сигурни дали ќе можеме да ги почитуваме протоколите и мерките пропишани од Комисијата за здравство. Искрено се надеваме дека пандемијата ќе стивне во текот на летото и дека процените на комисијата ќе бидат дека можеме да ги тргнеме протоколите и да се вратиме во нормала, што веруваме дека сите го посакуваат“, додава в.д. директорката на Драмски.
На нашето прашање дали Драмски годинава ќе реализира инфраструктурни проекти, Коцевска Хаџи Василева со одговор дека Министерството за култура им одобрило средства во делот на инвестиции и набавка на опрема во износ од околу еден милион денари.
„Со овие инвестиции, Драмски театар ќе започне со целосно реновирање на тоалетите за публика, како и водоводната и канализациона мрежа поврзана со овој дел. Освен тоа, Драмски театар доби средства за набавка на светлосна опрема со што ќе го подновиме нашиот светлосен парк со нови тела, што ќе го дозбогати визуелното доживување на публиката. За жал, комисијата при Министерството за култура не успеа да најде средства за замена на сценскиот под и реконструкција на порталите, но се надеваме дека во текот на годината, со одредени ребаланси ќе се изнајдат средства за тој проект и ќе успееме да направиме нова сцена на Драмски театар која не е заменета од неговата изградба во 1965 година. Средствата неопходни за целосна реконструкција на сцената и порталите на истата се значително поголеми, па претпоставуваме дека во оваа состојба на пандемија, во која буџетите се намалени на сметка на другите неопходни сектори, Министерството не успеало да обезбеди средства за овој зафат“, посочува таа.
Инаку, неодамна министерката Стефоска оствари средба со претставници на националните театри. Запрашана за донесените заклучоци, а по однос на работата на театрите во услови на пандемија, Коцевска Хаџи Василева истакна дека од министерката Стефоска националните театри добиле недвосмислена поддршка заради состојбата во која се наоѓаме. „И покрај сите финансиски проблеми со кои се соочуваат сите земји од светот, Министерството успеа да обезбеди финансиски средства за реализација на програмата и стои позади истата. Насоките кои беа дадени лани заедно со протоколите на работа на театарските куќи мора да продолжат да се почитуваат сè додека Комисијата за заразни болести не процени поинаку. Министерството за култура ги испочитува барања на театрите и во целост ги поддржа барањата за финансирање на програмските активности. Останува да ја следиме состојбата и да се надеваме дека ќе бидеме во можност целосно да ги реализираме проектите кои се поддржани“, додава таа. (Н.И.Т.)
Comments