„Камерна приказна“ со Дојчиновска и Лазаревски во Филхармонија
07.04.2021 April Sreda
„Камерна приказна“ е насловен концертот кој ќе се одржи во Филхармонија в четврток во 19 часот, на кој како солисти ќе настапат Елена Дојчиновска (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа).
Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Кончерто да камера за флејта и англиски рог од Онегер и Камерна симфонија оп. 73а од Шостакович (арр. Р. Баршаи).
„Додека бил на турнеја во САД, во 1947 година, Артур Онегер добил нарачка од американската мецена Елизабет Спрејг Кулиџ да напише дело за англиски рог. Како солист на ум го имала Луис Спрејер, кој бил вработен во Бостонскиот симфониски оркестар, на кого, всушност, и му е посветено делото. Онегер ја добил нарачката во август, се разболел и ја откажал турнејата во САД во која била вклучена и турнејата во Латинска Америка. Во ноември се вратил во Франција и не пишувал музика сè до летото 1948 година, кога започнал да го пишува Кончерто да камера и го завршил за кратко време. Кончерто да камера првпат било изведено на 6 мај 1949 година во Цирих, а американската премиера била во април 1950 година“, посочуваат од Филхармонија.
Што се однесува до Камерна симфонија, пак, во 1946 година, Дмитри Шостакович повторно почнал да пишува гудачки квартет. „Веќе го имал совладано предизвикот кој му бил фасцинација и на Бетовен – да направи синтеза од ставови со различен карактер и да ги спои во компактно и вивидно дело. Камерната симфонија, всушност, е адаптација од Квартет број 3, која ја направил во 1946 година Рудолф Баршаи, диригент и близок пријател на композиторот. Симфонијата во помасивна форма и звук ги рефлектира бројните експресии, мелодии и дијалози кои во себе ги носи Гудачкиот квартет“, додаваат од Филхармонија.
Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во НУ Филхармонија, а Владимир Лазаревски свири на обоа „лаубин“, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои Пол Лаубин. Конрад ван Алфен, пак, е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро.
Opmerkingen