top of page

Институтот за македонски јазик ја отвори подновената спомен-соба на Крсте Мисирков


03.03.2021 mart sreda

По речиси две децении од последното реновирање свечено беше отворена подновената спомен-соба на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик во Скопје.

„Ова е поставка која постои над 40 години, а ова е второ нејзино подновување. Во подневената поставка, во чекор со технолошкиот развој, се потрудивме да ги вклучиме и минатото и резултатите од новите истражувања. Имаме поставка со нови фотографии кои се појавиле во текот на проучувањето на Крсте Мисирков во изминативе децении, но и целата стара поставка е снимена и може да се следи преку таблет или телевизор од самата институција“, изјави на свеченото отворање Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик.

Од Институтот посочуваат и дека старите документи заедно со новите фотографии и документи, сведочат за целиот живот на Мисирков, почнувајќи од детството, преку училишните клупи и студиите до образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик.

Посебно место зазема книгата „За македонцките работи“, објавена во револуционерната 1903 година, пред цели 118 години.

Со оваа подновена и осовременета поставка се одбележува 95-годишнината од смртта на великанот Крсте Мисирков.

Инаку, единствената спомен-соба посветена на животот и дејноста на Крсте Мисирков над четириесет години се наоѓа во Институтот за Македонски јазик „Крсте Мисирков“, а минатата година МОН финансиски ја поддржа иницијативата на Советот на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, на што се приклучи и Градот Скопје.

За министерката за образование, Мила Царовска, МОН и Владата ги поддржуваат иницијативите на Институтот за македонски јазик со цел негување и унапредување на македонскиот јазик во нашата држава. „Дополнително, за да ја зголемиме грижата за македонскиот јазик и за наставници кои ќе го предаваат македонскиот јазик и ќе го истражуваат и проучуваат, годинава за прв пат обезбедивме и 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’ во Скопје“, нагласи министерката Царовска.

До минатата година Спомен-собата на Мисирков ја имаат посетено повеќе илјади ученици од целата земја. За сите посетители (ученици, професори и научници од земјава и странство) изложбата е бесплатна. (Н.И.Т.)





 
 
 

Comments


bottom of page