Издавачите на мака, немаат абер од пари ниту за нови, ниту за стари проекти?!
19.02.2021 februari petok
Издавачите потсетуваат дека според законскиот рок, резултатите од Годишниот конкурс досега требаа да бидат објавени, а како што велат, нема известување ниту за евентуалниот датум кога да се очекуваат. Од Асоцијацијата на издавачи додаваат и дека се изненадени од одлуката на Министерството за култура да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година. Со оваа одлука, велат, се принудени самите да ги намируваат долговите за проектите, што дополнително ја отежнува нивната состојба
Македонските издавачи се на мака, како што велат, ниту се објавуваат резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од областа на литературата и издавачката дејност, ниту пак, се врши исплата за проектите од 2020 година, иако тие се доставени во предвидениот рок, односно до 15 ноември.
„Необразложеното доцнење предизвикува голема неизвесност за издавачите во однос на организацијата и планирањето на нивната работа, како и на реализацијата на проектите. Дополнително, се наметнува прашањето дали и колку финансиските проблеми на Министерството за култура и проблемите со минатогодишната програма ќе влијаат на вкупниот буџет и средствата што ќе бидат одвоени за проектите за 2021 година“, реагираат издавачите.
Тие потсетуваат дека според законскиот рок, резултатите треба да бидат објавени најдоцна 45 дена од донесувањето на државниот буџет, кој е објавен на 20 декември 2020. Тие велат дека немаат известување ниту за евентуалниот датум кога да се очекуваат резултатите.
Асоцијацијата додава и дека се изненадени од одлуката на Министерството за култура да се замрзнат исплатите за проектите од 2020 година. Со оваа одлука истакнуваат, се принудени самите да ги намируваат долговите за проектите, што дополнително ја отежнува нивната состојба.
Деновиве реакција кон Министерството за култура упатија и останатите корисници кои се засегнати со прекинот на испраќањето на средствата. Од Министерството за култура, пак, деновиве преку соопштение објавија дека нема да се исплаќаат средствата сè до завршување на финансиските контроли кои се во тек.
„Сите информации ќе бидат познати по завршените контроли, за што подетално треба да се произнесат органите кои се повикани. Очекуваме Финансовата полиција и ДКСК во најбрз можен рок да постапат заради расчистување на евентуални злоупотреби“, порачаа од Министерството за култура.
Инаку, Владата го задолжи Министерството да не ги исплаќа финансиските средства на корисниците без да ја утврди законската основаност. Станува збор за проекти од Годишната програма за проекти од јавен интерес во културата, која беше донесена во мандатот на претходниот министер за култура Хусни Исмаили.
Сепак од Македонската асоцијација за издавачи се децидни:
„Бараме исплатата на средствата за овие реализирани проекти да не се пролонгира без основ и да биде реализирана во најбрз можен рок“, наведуваат од МАИ. Оттаму посочија и дека Министерството за култура лани не им излегло во пресрет во однос на продолжувањето на роковите за проектите, иако барале да им се овозможи рок „до крајот на тековната година“ поради доцнење на потпишувањето на договорите со издавачите и вонредните услови во кои западна целата економија со ковид-кризата.
„Иако беа образложени причините поради кои ги побаравме одложувањата само на неколку проекти, за рок што инаку законски ни следува, сепак Министерството, кое инаку досега не го проблематизирало продолжувањето на роковите од објективни причини, во кризна година реши да не продолжи ниту еден проект, со што неколкумесечниот труд на авторите и преведувачите падна во вода“, посочија тогаш дел од издавачите за „Вечер“.
Токму од тие причини, сметаат од МАИ, сегашното доцнење на резултатите е контрадикторно и говори за некоректен однос кон македонските издавачи.
Министерството за култура: Рокот за резултатите од конкурсот може да се надмине за 30 дена
На прашањето на весникот ВЕЧЕР за причините за доцнење на резултатите од Годишниот конкурс и кога тие можат да се очекуваат, од Министерството за култура со одговор дека рокот за објавување на програмата не е преклузивен, што дозволува да се надмине предвидената временска рамка. „Во конкретниот случај, може да се постапи и според чл. 94 од Законот за општа управна постапка, кој дозволува рокот за одлучување да се продолжи за најмногу 30 дена“, велат од Министерството. Оттаму истакнуваат дека процесот на одлучување и оценување од страна на стручните комисии е во финална фаза. „Во изминатиот период, стручните комисии работеа во исклучително отежнати услови предизвикани од пандемијата. Во процесот на одлучување се соочивме со реални тешкотии и прекин на работата поради здравствени причини и ковид-позитивни членови на комисиите. Почитувајќи ги ковид-протоколите, обемниот број апликации темелно се разгледуваат и бодираат по новата евалуациска матрица“, истакнуваат од Министерството за култура. (Д.Т.)
Comments