top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Земја на номадите“ – победник на Оскарите 2021, Ентони Хопкинс награден за најдобра главна машка ул

„Секогаш се прашувам како понатаму кога е тешко. Луѓето се добри кога ќе се родат, а Оскарот го посветувам на сите оние луѓе кои имаат верба и храброст да се држат до таа добрина“, истакна режисерката на филмот „Земја на номадите“, Клое Жао, на церемонијата на доделувањето на Оскарите, која се одвиваше на сцена во Унион станицата (Union Station) во Лос Анџелес. Жао стана втора жена во историјата што освоила Оскар за режија. И главната актерка во овој филм Франсис Мекдорманд се закити со Оскар за најдобра главна женска улога

Очекувано, филмот „Земја на номадите“ (Nomadland) – драмата за жената која напушта сè и живее како современ номад во комбе низ американскиот запад е добитник на Оскарот за најдобар филм на 93. Доделување на наградите на Американската академија за филм и наука кое се одржа викендов во Лос Анџелес.

Престижната награда за режија ја доби и режисерката на овој филм, Кинезинката Клое Жао. „Секогаш се прашувам како понатаму кога е тешко. Луѓето се добри кога ќе се родат, а Оскарот го посветувам на сите оние луѓе кои имаат верба и храброст да се држат до таа добрина“, истакна Жао на церемонијата на доделувањето која се одвиваше на сцена во Унион станицата (Union Station) во Лос Анџелес. Жао стана втора жена во историјата што освоила Оскар за режија. Првата е Кетрин Бигалоу.

И главната актерка во овој филм Франсис Мекдорманд се закити со Оскар за најдобра главна женска улога. „Мојот глас е мојот меч. Ние знаеме дека мечот е нашата работа. А јас си ја сакам работата”, додаде таа, потсетувајќи на една реплика од филмот. За Мекдорманд, ова е трет актерски Оскар, по „Фарго“ (1997) и „Три постери надвор од градот“ (2018). Филмот „Земја на номадите“, кој од шест номинации доби три Оскари, се базира на книгата на Џеси Брудер од 2017 година, а заедно со Мекдорманд, во споредни улоги играат и вистински номади.

Оскарот за најдобра главна машка улога, пак, му припадна на познатиот актер Ентони Хопкинс за филмот „Татко“, односно за приказната за ќерката која е во посета на дементниот татко. Интересно е дека оваа година Академијата направи отстапка и го смени редоследот на доделување на наградите и Оскарот за најдобра главна машка улога беше доделена последна. Традиционално, наградата за најдобар филм се доделува на крај на церемонијата. Се шпекулира дека направена е измена за да му се даде последната награда на покојниот актер Чедвик Боузман, кој беше номиниран за неговата последна улога во џез-драмата „Ма Рејни: Мајка на блузот“ (Ma Rainey’s Black Bottom). Сепак, победи Хопкинс, кој не присуствуваше на церемонијата на доделувањето, ниту пак сними победнички говор, па Оскарите завршија малку неспретно. На Хопкинс (83) ова му е втор Оскар, по оној во 1992 за улогата на Ханибал Лектор во „Кога јагнињата ќе стивнат“, и со овој стана најстариот актер што ја освоил наградата.

Во категоријата споредна машка улога, пак, Златната статуетка ја доби актерот Даниел Калуја за филмот „Јуда и Црниот месија“, а во женска, пак, актерката Ју-Јунг-Јан за филмот „Минари“. „Ние играме толку различни улоги што е невозможно да се натпреваруваме една против друга“, рече Кореанката Ју-Јунг-Јан при добивањето на Оскарот, а која за наградата се бореше со американската актерка Глен Клоуз. Клоуз, и покрај осмата номинација и годинава не го доби Оскарот.

Данскиот филм „Уште една тура“, го доби Оскарот за најдобар филм во интернационалната категорија. Режисерот Томас Винтерберг во својот говор раскажа за загубата на неговата 19-годишна ќерка во сообраќајна несреќа, кога започнал да се снима филмот и која требало да дебитира во него. „Овој филм е за губењето контрола во животот, а тоа на секој му се случува“, истакна режисерот кој ѝ го посветил Оскарот на својата ќерка.

Оскарот за најдобро оригинално сценарио, пак, ѝ припадна на Емаралд Фенел за „Надежна млада жена“ (Promising Young Woman), а наградата за адаптирано сценарио ја доби филмот „Татко“. Според Академијата, најдобар анимиран филм е „Душа“ (Soul), најдобар документарец е „My Octopus Teacher“, најдобар краткометражен документарен е „Colette“, а најдобар краткометражен игран филм е „Two Distant Strangers“. За најдобра песна е прогласена „Fight For You“ од филмот „Јуда и Црниот месија“.

Црно-белата драма „Манк“ (Mank) во режија на Дејвид Финчер, пак, кој имаше десет номинации, доби два Оскара – за кинематографија и за сценографија, филмот „Звукот на металот“ (Sound of Metal), исто така се закити со две нагарди – за звук и за монтажа, како и филмот „Ма Рејни: Мајка на блузот“ – кој ги освои Златните статуетки за шминка и костимографија. Филмот „Тенет“ на Кристофер Нолан, пак, го доби Оскарот за најдобри специјални ефекти.

Церемонијата на доделување на наградите, продуцирана од реномираниот режисер Стивен Содерберг, започна како филмска шпица, со наведување на главните улоги кои вечерта го водеа шоуто. Доделувањето го отвори актерката Реџина Кинг која рече дека поминала една луда година во која имало многу тага. Таа посочи и дека сите учесници се вакцинирани и дека сите гости се придржуваат кон епидемиолошките мерки. Просторот во Унион станицата каде се одвиваше доделувањето беше претворен во гламурозен театар, со мини амфитеатар, маси и столчиња на кои седеа номинираните, а имаше и навраќања и потсетувања на некои минати забележителни настапи во Долби театарот. Презентери на 93. Церемонија на доделувањето на Оскарите беа Хали Бери, Бред Пит, Лора Дерн, Харисон Форд, Зендаја, Рита Морено, Хоакин Феникс, Анџела Бесет, Рене Зелвегер, Бонг Џун Хо, Рис Витерспун.

Годинешното доделување беше специфично и по тоа што во пресрет на церемонијата беше претставен Музејот за филм на Американската филмска академија. Музејот треба да биде отворен на крајот на септември оваа година и да биде вистинска атракција за сите љубители на филмот. (Н.И.Т.)




1 view

Comments


bottom of page