top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Државен рекорд на Дарио Ивановски на 1.500 метри

18.01.2021 ЈАНУАРИ ПОНЕДЕЛНИК

АТЛЕТИКА

Прво место и нов рекорд на Македонија за Дарио Ивановски во трката на 1.500 метри, со време три минути, 45 секунди и 46 стотинки, на атлетското првенство на Србија во сала, во Белград. Тоа време беше побрзо речиси за пет секунди од неговиот досегашен најдобар резултат, забележан пред две години во Софија, Бугарија (3:50,90 минути), што му донесе 1.082 бода според табелата на Светска атлетика (СА), информираат од Атлетската федерација на Македонија (АФМ). – Во Белград бев горд што сум тренер на Дарио, кој ја истрча најбрзата трка на средни и на долги патеки во историјата на Македонија. За жал, нормата за настап на Европското првенство во Торун, Полска, во март ја испуштивме само за 40 стотинки, но верувам дека Дарио ја има „во нозе“ и таа, како и нормата на 3.000 метри. Мислам дека овој резултат во сала е дури посилен и од рекордот на Ване Стојанов на 1.500 метри на отворено (3:45,97 минути) и еквивалент на време од 3:41,80 минути. Освен следната цел, настапот на ЕП во сала, на дофат се и Летните олимписки игри во Токио летово – ни изјави Игор Јакимовски, тренерот на Ивановски. Покрај државниот рекорд на Ивановски, од Белград за обележување е и личниот рекорд на Јован Стојоски на 400 метри, со време 48,11 секунди, вреден 1.035 бода. Македонскиот рекорд во оваа дисциплина е на Исмаил Мачев, поранешен тренер на Стојоски, кој изнесува 47,49 секунди, постигнат во Будимпешта, во 1987 година.


4 views

Comments


bottom of page