top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Барселона ја зголеми ефикасноста и се пласира во четврт-финалето

07.04.2021 April Sreda

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Ракометарите на Барселона први го заверија пласманот во четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), откако во осминафиналниот елиминациски двомеч со норвешкиот првак Елверум славеа со вкупен резултат 76-44 (прв меч 39-19, реванш 37-25). Поради рестрикциите поради пандемијата во Норвешка, двата дуела се играа на теренот на Барселона. Супериорниот напад и овој пат беше главна одлика во играта на шпанскиот шампион, кој двомечот го заврши со просек од 38 гола, а на високо ниво беше и одбраната на Барселона, која во осминафиналните натпревари во просек прими по 22 гола по меч. Во групната фаза нападот на Барселона имаше ефект од 36 гола во просек по натпревар. Десниот бек Дика Мем со 11 гола беше најефикасен во двомечот со Норвежаните, а одлични партии на шпанскиот гол има голманите Кевин Милер и Гонзало Перез де Варгаз со по 16 одбрани. Противник на Барселона во четврт-финалето на ЛШ ќе ѝ биде вкупниот победник од дуелот Мешков – Мотор.

Денеска за заверка на место во четврт-финалето на ЛШ, актуелниот европски првак Кил ќе го пречека Сегед, Порто ќе му гостува на Алборг, а Киелце ќе го пречека Нант. Хрватскиот првак Загреб, кој првиот меч го одложи поради позитивни случаи на коронавирусот, двата меча ќе ги игра на гостински терен, кај германски Фленсбург. Првиот меч е денеска (20.45 ч.), а реваншот се игра утре (18.45 ч.). Утре на програмата се и реванш-дуелите Мешков – Мотор, Веспрем – Вардар и ПСЖ – Целје.


3 views

Comentários


bottom of page