Арената на римскиот Колосеум ќе добие под од посебни дрвени летвички
Исклучителен проект
Арената на римскиот Колосеум ќе добие под од посебни дрвени летвички, кои ќе чинат 18,5 милиони евра. Древниот римски Колосеум ќе добие таков под благодарение на високотехнолошкиот проект што неодамна го најави италијанското министерство за култура. – Станува збор за исклучителен проект. Со летвичките посетителите ќе може да стигнат до средишниот дел од арената и Колосеумот да го доживеат на ист начин како што го доживувале и посетителите до крајот на 19 век – изјавил министерот за култура Дарио Францесчини, детално изложувајќи ги плановите за поставувањето на новиот флексибилен под, кој на туристите ќе им овозможи создавање појасна претстава за тоа како изгледала арената кога таму до смрт се бореле гладијаторите. Археолозите своевремено го отстраниле постојниот под на Колосеумот за посетителите што подобро да го видат лавиринтот од простории и ходници што се наоѓаат под арената, но никогаш досега не е целосно заменет. Италијанската инженерска фирма „Милан инжегнериа“ потпишала договор за дизајнирање и поставување нов под во вредност од 18,5 милиони евра и се обврзала да го доврши проектот до 2023 година. Дрвената платформа ќе ја сочинуваат стотици летвички што ќе можат да ротираат за да овозможат продор на природна светлина во подземните комори и простории во кои некогаш престојувале гладијаторите и животните пред почеток на борбите. Таму се наоѓале различни справи и механички дигалки потребни за претставите. Колосеумот е најпопуларната италијанска туристичка атракција, која во 2019 година, пред почетокот на пандемијата на коронавирусот, привлекла околу 7,6 милиони посетители. Изградена пред 2.000 години, камената арена била најголем амфитеатар во Римското Царство. Колосеумот некогаш имал и до 70.000 места за седење, а можел да се наполни и со вода за на гледачите повторно да им се претстават поморските битки.
Comments