top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ангеловски: Ќе ја грабнеме секоја шанса за пласман во втората фаза

СЕЛЕКТОРОТ ГИ СООПШТИ ФУДБАЛЕРИТЕ ЗА НАСТАП НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Одиме со желба за надигрување и ќе ја грабнеме секоја шанса за позитивен резултат и пласман во втората фаза, изјави селекторот на репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски, соопштувајќи ги имињата на 26-те фудбалери на кои ќе смета за натпреварите на Европското првенство (ЕП) годинава (11 јуни – 11 јули). Македонија ќе дебитира на ЕП, а во групата Ц ќе игра со Австрија (13 јуни, во Букурешт), Украина (17 јуни, во Букурешт) и со Холандија (21 јуни, во Амстердам). Во осминафиналето на ЕП ќе се пласираат првопласираните две селекции од секоја од шесте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните. – Тоа ќе биде незаборавно доживување за сите, а лично се обидувам да останам мирен и максимално да се концентрирам за она што нѐ очекува на ЕП. Против Германија покажавме дека можеме рамноправно да играме и против најдобрите во Европа. Со Австрија игравме во европските квалификации и двапати загубивме, а со Украина и со Холандија долго немаме играно. Украина е многу квалитетна репрезентација предводена од Шевченко, со Јармоленко, Зинченко, фудбалери од Шахтар и од Динамо Киев, а сезонава Шахтар двапати го победи Реал Мадрид. Холандија е светска велесила, расадник на огромни таленти. Затоа очекувам од фудбалерите максимална самодоверба во сите натпревари – вели Ангеловски. Во составот на репрезентацијата се стандардните фудбалери од минатите мечеви, а вклучени се и играчи од младата репрезентација.

– Милан Ристовски, Дарко Чурлинов и Ристе Јанков се нашата иднина, затоа се на нашиот список. Со својот квалитет сметам дека можат да придонесат во А-тимот и да соберат искуство, бидејќи очекувам во наредните години да бидат стандардни првотимци. Жалам за отсуството на Илија Несторовски, со нас е пет години и вредно работеше со сите нас да се пласираме на Европското првенство. Навивачите се навикнаа на успеси, сега бараат да бидеме европски шампиони. Јас прв верував во играчите и очекувам максимум од нив на секој натпревар – рече меѓу другото Ангеловски, пренесува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Првиот собир е во вторник, а закажани се два тест-меча во Скопје, со Словенија на 1 јуни и со Казахстан три дена подоцна.

МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2020

ГОЛМАНИ Столе Димитриевски Дамјан Шишковски Ристе Јанков ОДБРАНА Стефан Ристовски Висар Муслиу Егзон Бејтулаи Кире Ристевски Ѓоко Зајков Дарко Велковски Езџан Алиоски

СРЕДЕН РЕД Аријан Адеми Енис Барди Стефан Спировски Бобан Николов Тихомир Костадинов Ферхан Хасани Елиф Елмас Даниел Аврамовски Дарко Чурлинов Марјан Радески

НАПАД Горан Пандев Александар Трајковски Иван Тричковски Влатко Стојановски Крсте Велковски Милан Ристовски

Селектор: Игор Ангеловски

РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИ

Словенија 1 јуни, Скопје, тест-меч Казахстан 4 јуни, Скопје, тест-меч Австрија 13 јуни, Букурешт, 1. коло на ЕП Украина 17 јуни, Букурешт, 2. коло на ЕП Холандија 21 јуни, Амстердам, 3. коло на ЕП првиот собир е на 25 мај, во Скопје


0 views

Kommentare


bottom of page