Агуеро промаши паненка-пенал
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
Во увертирата пред финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), на 29 мај во Истанбул, Челси забележа победа на гости над Манчестер сити (2-1) и ја одложи промоцијата на „граѓаните“ во шампион на Премиер-лигата, по седми пат. При резултат 1-0 за Манчестер сити, во финишот од првиот дел, Серхио Агуеро не искористи пенал, поточно голманот на Челси, Едуар Манди, го „прочита“ и лесно го одбрани неговиот паненка-удар. – Им се извинувам на соиграчите, на сите во клубот и на навивачите за промашениот пенал. Тоа беше лоша одлука и јас ја преземам целата одговорност – напиша Агуеро на Твитер. Тоа промашување од белата точка, четврто сезонава за Манчестер сити, најмногу од сите тимови во Лигата, скапо ги чинеше, оти Челси во вториот дел беше подобар, даде два гола и ја прокнижи втората победа над Манчестер сити во период од три недели, по победата во полуфиналето од ФА-купот на „Вембли“, во април.
Двајцата менаџери направија по неколку измени во составите што настапија на полуфинални натпревари во ЛШ минатата недела. Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, направи девет во односот на тимот што го победи ПСЖ во вторникот, а неговиот колега од Челси, Томас Тухел, пет промени во тимот што го совлада Реал во средата. Тухел е петтиот менаџер што не е поразен на првите осум гостувања во Премиер-лигата, по Кени Далглиш, Џон Грегори, Фелипе Сколари и Крис Вајлдер. Откако ги загуби првите три средби со тимови предводени од Гвардиола во сите натпреварувања, Тухел е непоразен во последните четири средби (две победи и две ремија). Гвардиола загуби четири меча во домашното првенство сезонава, двојно повеќе отколку во која било друга кампања во неговата кариера.
Comments