Ќе се одржи 51-то издание на фестивалот „Илинденски денови“
Од 20 до 30 јули Битола ќе биде домаќин на 51-то издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинеденски денови“. На годинашното издание на фестивалот покрај македонски културно уметнички друштва ќе земат учество фолклорни ансамбли од Америка, Русија, Грција, Албанија, Србија и Хрватска. Ова беше речено на денешната прес конференција на организаторот на фестивалот НУ Центар за култура-Битола.
– Не отстапуваме од традицијата и затоа фестивалските вечери ќе почнат со дефиле на „Широк Сокак“ и со орото „Комитско“ во изведба на КУД „Илинден“ – Битола. Овој фестивал е од посебен национален интерес и затоа подготвивме богата програма која ќе ја следи и посебниот гостин, претседателот на ЦИОФФ Филип Бусон, кому ќе ја презентираме нашата фолклорна традиција што на овој културен настан ја негуваме 51 година. Фолклорот не дефинира како нација, како луѓе и зборува за нашиот идентитет и гордо и годинава ќе го презентираме во градот, државата и светот – истакна на прес-конференцијата Маја Андоновска Илијевски, директорка на битолскиот Центар за култура.
Валентин Соклевски, селектор и режисер на фестивалот најави дека годинава фестивалот ќе се одржува под мотото „старото е ново“, и како што рече, нуди програма во изобилство.
– Фестивалот „Илинденски денови“ е сцена на која старото се пренесува и афирмира како ново на генерациите што доаѓаат.Фестивалот не е инцидент туку процес, фестивалот е систем кој функционира. Фестивалот не е само игра и песна, туку и збор и наука, и тоа сакаме да го развиваме што повеќе и во соработка со стручни лица. „Илинденски денови“ е единствен фестивал во државата со сертификат за интернационален фестивал затоа што ги исполнува сите светски критериуми – истакна Соклевски.
За време на десетте фестивалски денови во Битола ќе се одржуваат изложби, работилници за везење и ткаење, ќе настапат 26 културно уметнички друштва и фолклорни групи од државата и странство за кои се утврдени мерки за заштита од ковид-19 како за учесниците, така и за публиката, информираа организаторите на претстојниот културен настан во овој град. М.М.
Comments