top of page

Света и Велика Сабота Бигорски Манастир служба за воскресението Исусово

19.04.2025 April Sabota

Во Светата и Велика Сабота, кога сета твар таинствено молчи пред величието на Христовиот одмор во Гробот од сеспасителното дело, Бигорската Свештена Обител го проживува врвот на очекувањето, мигот пред космичкиот блесок на Животот. Вечерта на Велики Петок, со свештен трепет и неспоредлива духовна убавина, беше отслужено последованието на Оплакувањето Христово. Пред цветно сплетениот епитаф со положената Плаштаница во него – претстава на пречисто тело Господово,  целиот храм на Претечата се исполни со таговна радост и умиление. На чело со нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, монашкото братство и сестринствата, заедно со многубројниот верен народ, молитвено ги испеаја велелепните Статии на Оплакувањето, излевајќи ги преку нив своите срца пред погребаниот Господ.

Но, иако песните беа облеани со солзите на Богомајката и на сите верни, сепак, во нивните строфи веќе се наѕираше зракот на победата. Во гробот не лежи обичен човек, туку Оној Кој го создаде светот и Кој сега го обновува преку Својата смрт. Преку гробот, Он подготвува ново небо и нова земја, нов почеток за сите нас.

И токму во таа мистична тишина, во која сѐ дише со неизречива надеж, дојде вечерта на Светата и Велика Сабота. Тогаш, според преданието на Црквата, Христос почива телесно во гробот, но со душата слегува во Адот, за да го растури неговото царство. Адот, таа најтемна пештера на човечкото изгнанство, во мигот на Неговото слегување се затресе и во ужас ги испушти сите затвореници. Христос Го разурна мракот на смртта со светлината на Своето Божество.

Во Бигорскиот храм оваа свештена тајна беше прославена со Вечерната богослужба, споена со Литургија на Свети Василиј Велики, тајноводена од Владиката г. Партениј, во сослужение со бигорските свештенослужители. Меѓу благоуханието на криновите и мирисот на темјанот, од силно вдахновената душа на Старецот одекна великиот воскресенски прокимен: „Воскресни, Боже, суди ѝ на Земјата, оти Ти ќе наследиш многу меѓу сите народи!“ – како победнички повик од длабочините на историјата, кој со векови одекнува низ храмовите и душите на верните.

Старецот, стоејќи пред Светиот Престол, ја носеше болката на Голгота и радоста на Воскресението, а неговото молитвено пеење и богослужење се претвори во торжествена најавa на неизбежната победа: Христос воскреснува! „О, аду, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?“

Во оваа света ноќ, кога земјата сè уште го чува мирот на погребаниот Христос, Неговото слегување во Адот ни ја носи сигурноста дека и во најдлабокиот мрак на човечкото постоење, љубовта Божја е посилна. Очекувањето се претвора во увереност: Воскресението е блиску! Победата е сигурна! Христос, Кој слезе во смртта, наскоро ќе ја изгази со Своите пречисти нозе и ќе ни го подари животот вечен.

Со оваа неизмерна надеж, Бигорската Обител го очекува мигот кога со сите ќе го возгласи првото и вечно „Христос воскресе!“

Верните и смирени поклоници на Воскреснатиот Спасител ширум светот, изминатите свети и велики денови имаа можност да ги следат во живо најголемиот дел од богослуженијата и да гледаат прекрасни фотографии од нив, а за тоа пожртвувано се погрижија нашите драги браќа и соработници: Стојан Стојановски и неговиот тим од „2С Студио“, Александар Пауновски и Стефан Трајаноски. Им ја изразуваме својата голема благодарност и просиме откај Бога благослови за нив.


 
 
 

Commentaires


bottom of page