Сара Климоска на доделувањето на наградата European Shooting Stars- 2021 во Берлин
Сара Климоска деновиве е во Берлин, каде ќе присуствува на официјалната церемонија за доделување на наградата Shooting Stars 2021, награда за европски актери во подем. Церемонијата за доделување на наградите ќе се одржи на 14 јуни, непосредно пред проекцијата на филмот „I’m Your Man“ на Maria Schrader во рамките физичкото издание на Берлинскиот филмски фестивал.
Климоска беше номинирана за оваа награда од страна на Агенцијата за филм, која е долгогодишна членка на European Film Promotion, во чија организација е овој исклучителен проект за промоција на талентирани актери во Европа. Наградата ја доби за нејзината улога во дебитантскиот филм на Игор Алексов, „Лена и Владимир“, во продукција на Минд Продукција, според сценариото на Александар Русјаков.
Добитници на Shooting stars за 2021 година се уште девет европски актери. Инаку, во рамките на неколкудневниот настан – Shooting stars 2021 кој се одржа виртуелно, последната недела во февруари, непосредно пред Берлинскиот филмски фестивал, сите овие актерски имиња имаа прилика да присуствуваат на состаноци, виртуелни претставувања и интервјуа со кастинг директори, агенти и продуценти.
Од Македонија досега оваа награда ја добиле Благој Веселинов во 2019, Наташа Петровиќ во 2011 и Лабина Митевска во 1998 година.
Commenti