top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Мултимедијален настан на Пулејкова: „Место на спојување“ – слики на воден екран на Охридското Езеро

„Место на спојување“ е мултимедијалниот настан на уметницата Кристина Пулејкова, кој ќе се одржи на 24 јули, со почеток од 21 часот, на Главното пристаниште во Охрид. Настанот ќе вклучува движечки слики кои ќе се проектираат на огромен воден екран, создаден со распрскување на млазови вода од Охридското Езеро и видео во 360̊ – виртуелна реалност.


„Делото ‘Место на спојување’ е базирано на уникатната миграција на критично загрозената европска јагула. Следејќи го животот на две јагули, кои доаѓаат од различни позадини (едната живее во Охридско Езеро, додека другата во реката Темза во Лондон), делото ќе се обиде да исцрта паралели помеѓу човечките искуства и оние на јагулата во поглед на миграцијата и самоостварувањето. За жал, охридската јагула е спречена да го остварува својот природен репродуктивен пат, бидејќи во 1962 година на трасата на јагулата била изградена брана кон Република Албанија, а денес се наоѓаат на таа линија уште пет други брани. Од тогаш Охридско Езеро вештачки се порибува со јагули. Овој дискурс го поставува на сериозно рамниште прашањето за човековото влијание врз еколошките катастрофи, од една страна, а исто така и политичкиот удел, перспективи и платформи од друга страна“, се посочува кон проектот.

Авторката миграцијата на јагулата до Саргаското море ја користи како аналогија за човечкиот стремеж кон самоостварување, потрагата по тоа утописко место на спојување и состојба на битисување.

Овој концепт визуелно, Пулејкова го срочува во подвижни слики, во форма на кореографски танц на две човечки индивидуи кои имаат аналогија на јагули, визуелна и звучна нарација надополнета со дигитални и звучни анимации кои имаат за цел да го збогатат проектниот вокабулар и да создадат холографска симулација за „свадбениот пат“ на јагулата. Куратор на проектот e Ана Франговска, кореограф е Искра Шокаровска, а музика и саунд дизајнот се на Иван Трајчев. Танчари се Јасмина Билаловиќ и Христина Цветкоска, а актери кои го позајмуваат гласот се Марија Каева и Александра Вилкинсон.

„Проектот на Пулејкова иницира и дебата за свесноста за катастрофалната состојба и загрозеноста на европската јагула генерално и критикува за ‘политичката надмоќ’ на човекот врз судбината на охридската јагула локално. Овој проект порачува да се создаде платформа за спречување на еколошките катастрофи, да се влијае врз климатските промени и би се стопирале многубројните апсурдни состојби во еко-системот. Од друга страна, покрај еколошката предоминанта на проектот, со јазикот на визуелните прикази Пулејкова допира и суштински политички дискурси, ја проектира македонската перспектива и стремење кон европската иднина“, се додава за делото на авторката.

Пулејкова е македонска уметница, која живее на релација Скопје -Лондон, чија интердисциплинарна пракса во уметноста е надополнета со наука и технологија. (Н.И.Т.)




3 views

コメント


bottom of page