Ќулавкова: Насилното бришење и откажувањето од минатото е самоубиствен порив
„Вистината е можеби кревка, но и во својата кревкост, таа е моќна. Во актуелниов миг, токму отпорот против порекнувањата на македонскиот идентитет, е изворот на нашата моќ. Тој создава критична маса, ја буди колективната свест. Македонија е речит пример за тоа дека она што е предмет на негација станува доминанта на идентитетот“, рече академик Катица Ќулавкова на промоцијата на најновото издание на МАНУ – „Прилози кон историјата на Македонија и македонската култура“, дело на автори со висока стручност и етичност, што е гаранција дека ќе биде ексклузивна научна референца
„Секој народ има право на своја историска приказна, оти секој народ има своја историја, своја историска свест и своја сегашност. Затоа, секој народ не само што има право, туку е должен да се однесува со почит спрема своето минато. Така прави секоја здрава нација. Амнезијата на историјата е патолошка состојба. Насилното бришење и откажувањето од минатото е самоубиствен порив. Историјата, која има свои законитости, тоа го потврдува, на тоа нѐ поучува. Македонија денес е ставена во ситуација да бира меѓу две зла. Да се откаже од она што де факто била и да прифати да биде нешто фиктивно“, рече во своето обраќање академик Катица Ќулавкова на денешната промоција на најновото издание на Македонската академија на науките и уметностите – „Прилози кон историјата на Македонија и македонската култура“.
Академик Ќулавкова, која е приредувач на ова колективно издание, а кое опфаќа текстови од повеќе автори на тема културно наследство/античка историја, како и политичка, културна и црковна историја посочи дека „Прилозите кон историјата на Македонија и македонската култура“ имаат за цел да понудат непристрасно читање на историските собитија, документи, артефакти и околности важни за разбирање на историскиот континуитет со македонски предзнак. „Повод за него беше, освен вечниот копнеж по вистината, ултимативниот и посесивен став на некои политички, делумно и научни кругови во соседството, став кој успеа да се интернационализира и да се рефлектира врз современите македонски состојби и статусот на македонската држава. Свесни дека не постојат фиксни и непроменливи историски приказни, туку плурални слики на историското минато (Лиотар 1979) и дека секој колективен и државно-правен субјект има право на своја интерпретација на минатото, сегашноста и иднината, ние одлучивме да направиме дијагонален пресек на историјата на Македонија од древните епохи до средината на 20 век. Свесни дека милениумскиот македонски историски континуитет, односно неговата приказна, ги надминува актуелните државни рамки и вклучува не само празни и ‘темни места’, ами и некои зони на контакт со други, мали и големи наративи (не само соседни, и не само европски), се договоривме да не ги игнорираме тие зони на контакт, туку да им пристапиме со силата на објективната аргументација. Оти токму чувствителните места на замисленото тело на историјата се вистинско вдахновение при толкувањето на историската стварност. Тие се јазли кои треба да се разврзат за да им се открие нивната смисла“, истакна таа.
Ќулавкова посочи и дека историјата не е збирштина од голи факти, не е депонија, туку скриено богатство, архив полн артефакти кои не се читливи сами по себе и треба да бидат внимателно дешифрирани. „Историската стварност е жесток судар меѓу идеалот и неморалот, но историската наука треба да биде автономна и да го следи култот на етичноста. На Балканот тоа е особено значајно, ако се знае дека и во време на мир, тој е на чекор од конфликт. И во 21 век, Балканот е заситен од догматични мега наративи со хегемонистички призвук, од конзервативна историографија која се повикува на факти, а всушност е хипотетична и тенденциозна. Така и се случи, оваа книга да биде дело на автори со висока стручност и етичност, што пак е гаранција дека ќе биде ексклузивна научна референца“, додаде Ќулавкова.
Во своето обраќање таа истакна и дека треба сериозно да се запрашаме дали, оние кои ја поставуваат историјата како услов за европска интеграција и користат дискурс на репресија по однос на нашето потекло и име, не прават обратна проекција?
„Дали зад таквиот репресивен дискурс стои хегемонистичка аспирација? Кому му пречи македонската историска приказна? Кому македонскиот суверенитет?“, запраша Ќулавкова посочувајќи дека вистината не го исклучува пријателството, ниту пријателството – вистината. „Вистината е можеби кревка, но и во својата кревкост, таа е моќна. Во актуелниов миг, токму отпорот против порекнувањата на македонскиот идентитет, е изворот на нашата моќ. Тој создава критична маса, ја буди колективната свест. Македонија е речит пример за тоа дека она што е предмет на негација станува доминанта на идентитетот. Не дека го упростува идентитетот, не дека го догматизира националното чувство, туку затоа што, ако е навистина суверен субјект, мора да се угледа на другите суверени субјекти и да го бара она што им следи според меѓународните конвенции на сите нации, па и на македонската. Најдобра аргументација во прилог на Македонија и македонската кауза е науката, а најдобра заштита се конвенциите на ОН“, додаде Ќулавкова.
Промотивни обраќања имаа и академик Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, академик Витомир Митевски и проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски. Изданието е проект на МАНУ остварен во соработка со Институтот за национална историја, Филозофскиот факултет, Богословскиот факултет, Институтот за македонска литература и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“. (Н.И.Т.)
Comments