Видео и фото „Денес виси на дрво…“ – ново духовно-уметничко дело во чест на Распнатиот Христос песна од Ивона Јовановиќ Јо-ансамбл Јован Кукузел
- Aleksandar Santovski
- 5 hours ago
- 1 min read
18.04.2025 April Petok
Со благослов и по иницијатива на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, реализирано е уште едно прекрасно дело во кое се преплетуваат духовноста, уметноста и молитвата. Во чест на денешниот свет и потресен спомен на Страданијата и Распетието Господово – Светиот и Велики Петок – беше сотоворена автентична музичка изведба на величествената црковна стихира: „Денес виси на дрво…“, која во себе ги содржи тишината, болката и спасителната длабочина на Христовото страдање.
Оваа стихира, што Црквата ја пее со длабок трепет на овој ден, доби нова звучна облека, изведена со силно вдахновение и чувство, преку звуците на неколку древни и ориентални инструменти, во рацете на членовите од квартетот „Св. Јован Кукузел“: Петар Христов – цариградско кеменче; Лидија Христова – критска лира; Ирена Здравкова – цариградска лаутa; Александар Лозановски – цариградски уд. Музичкиот аранжман и изведба се дело на маестро Петар Христов, додека вокалната слаткогласна и вдахновена интерпретација, со длабока молитвеност и чувство, ја потпишува нашата реномирана пејачка Ивона Јовановиќ. За снимањето се погрижи Горан Трајковски, кој на свој автентичен начин ја овековечи оваа трогателна изведба. Продукцијата му припаѓа на ТВ студиото „Канал5“.
Ова дело не е само музика – тоа е воспев на љубовта најсвета, тивка молитва и сведоштво за непоимливата Божја жртва. Тоа таинствено нè води во внатрешноста, во молитвено созерацание и во благодарност за Крстот, кој стана мост кон Воскресението.
„Денес виси на дрво Оној Кој ја обеси земјата на водите…“

Comments