Ѓоковиќ ја потврди доминацијата во Мелбурн
22.02.2021 februari ponedelnik
ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, ја оправда фаворитската улога и стигна до деветтата рекордна титула на гранслем-турнирот Австралија опен во Мелбурн, откако во финалето славеше на мечот со четвртиот носител, Русинот Данил Медведев, со 7-5, 6-2, 6-2 за помалку од два часа игра. Со деветтиот триумф во Мелбурн, Ѓоковиќ покажа дека е неприкосновен кога се работи за првиот гранслем-турнир во годината и дека е доминантен во светскиот тенис. За Ѓоковиќ, кој нема пораз во финале во Мелбурн, ова е 18-та гранслем-титула, две помалку од водечките во таа категорија, Рафаел Надал (Шпанија) и Роже Федерер (Швајцарија). За Ѓоковиќ ова е втора низа од три последователни триумфи на престижниот австралиски турнир. Првата серија од три титули беше со победите во 2011, 2012 и во 2013 година, а втората со освојувањето на трите претходни изданија на Австралија опен во 2019, 2020 и годинава. Со освојувањето на деветтата титула на Австралија опен, Ѓоковиќ го потврди достигнувањето на рекордот за најмногу поминати недели на врвот на АТП-листата (сегашниот рекорд е на Федерер со 310 недели, Ѓоковиќ има 309). Финалето на Австралија опен беше осма меѓусебна средба на Ѓоковиќ и Медведев и петта победа на Ѓоковиќ, по трите порази во четирите претходни меѓусебни мечеви. За Медведев ова беше второ загубено гранслем-финале и прв пораз по серијата од 20 победи, која ја почна во октомври лани.
НАЈМНОГУ ГРАНСЛЕМ-ТИТУЛИ
Роже Федерер 20 Рафаел Надал 20 Новак Ѓоковиќ 18 Пит Сампрас 14 Рој Емерсон 12
НАЈМНОГУ ТРОФЕИ НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН
Новак Ѓоковиќ 9 Роже Федерер 6 Рој Емерсон 6
Comments