top of page

Ѓоковиќ: Потврда дека сѐ е можно кога работите со љубов и со страст

ТЕНИС – РЕКОРД СПОРЕД БРОЈОТ НА НЕДЕЛИ НА ПРВОТО МЕСТО НА АТП-ЛИСТАТА

Светскиот тениски рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, постави нов рекорд, откако 311 недели е на врвот на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Ѓоковиќ го престигна Швајцарецот Роже Федерер, кој беше сопственик на претходниот рекорд од 310 недели на првото место на листата. Следни според бројот на недели на врвот на АТП се Американецот Пит Сампрас, со 286 недели, и Чехот Иван Лендл, со 270. – Навистина сум возбуден што одам по патот на легендите и гигантите на овој спорт. Кога знам дека местото меѓу нив сум го заслужил следејќи го својот детски сон, тоа е убава потврда за тоа дека сѐ е можно кога работите со љубов и со страст – изјави Ѓоковиќ, пренесе АТП на својата интернет-страница. Првпат на првото место на АТП-листата Ѓоковиќ се искачи на 4 јули 2011 година, по победата над Жо Вилфред Цонга во полуфиналето на гранслем-турнирот Вимблдон и триумфот над Рафаел Надал во финалето на тој престижен турнир. Ѓоковиќ на 31 декември 2020 година се изедначи со Сампрас според бројот на години завршени како светски тенисер број еден (тој беше прв во 2011, 2012, 2014, 2015, 2018 и во 2020 година). АТП го воведе рангирањето во 1973 година. – Да се биде број 1 е нешто за што многу играчи сонуваат, а само малкумина го постигнуваат тоа, но да се биде на врвот подолго од кого било е доказ за нивото на постојаната извонредност што Ѓоковиќ ја демонстрира во нашиот спорт – рече Андреа Гауденци, претседателот на АТП.

ПРВИ 10 НА АТП-ЛИСТАТА

Новак Ѓоковиќ 12.030 Рафаел Надал 9.850 Данил Медведев 9.735 Доминик Тим 9.125 Стефанос Циципас 6.660 Роже Федерер 6.630 Александер Зверев 5.615 Андреј Рубљов 5.019 Диего Шварцман 3.540 Матео Беретини 3.480

БРОЈ НА НЕДЕЛИ НА ВРВОТ НА АТП-ЛИСТАТА Новак Ѓоковиќ 311 Роже Федерер 310 Пит Сампрас 286 Иван Лендл 270 Џими Конорс 268 Рафаел Надал 209


 
 
 

Comments


bottom of page