Што ќе го извести Владата УНЕСКО за Охрид, ќе има ли јавноста увид?
27.01.2021 jamuari sreda
“Се надеваме дека таа практика на нетранспарентност во однос на доставување на извештаи до невладиниот сектор и граѓаните ќе се смени, а нивната содржина ќе биде достапна на сајтот на Владата. Ова треба да се однесува и на извештаите од УНЕСКО и на одговорот од македонските институции“, посочуваат за весникот ВЕЧЕР од граѓанската иницијатива Охрид СОС
“Очекуваме извештајот што го составуваат институциите за состојбата со заштитата на Охридскиот регион, кој треба да се испрати до Центарот за светско наследство на УНЕСКО како одговор на забелешките на реактивната комисија која минатата година го посети Охрид, да биде доставен на јавен увид пред да биде испратен. Притоа треба да се консултираат невладини организации, иницијативи и други поединци, како и научни институции. Тие треба да земат учество со цел да се споделат реалните факти за Охридскиот регион, а не тие да бидат неверодостојни, поточно да не одговараат на состојбите на теренот“, вели Владимир Трајановски од граѓанската иницијатива Охрид СОС за весникот ВЕЧЕР. Деновиве до надлежните институции, барање за јавен увид во нацрт-извештајот на Националната комисија за УНЕСКО, поднесе Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сѐ“. Триесет и една граѓанска организација и високообразовни институции дописите ги испратија до премиерот Зоран Заев, министерката за култура и претседателка на Националната комисија Ирена Стефоска, но и до сите надлежни институции кои се засегнати со ова прашање. “Се надеваме дека таа практика на нетранспарентност во однос на доставување на извештаи до невладиниот сектор и граѓаните ќе се смени, а сите извештаи ќе бидат достапни на сајтот на Владата“, посочуваат од граѓанската иницијатива Охрид СОС.
Од Управата за заштита на културно наследство пак, вчера за весникот ВЕЧЕР посочија дека извештајот со забелешките на институциите се подготвува.
“Прво и основно е да има транспарентност, и нема да бидат изземени ниту невладините организации, ниту медиумите, ниту јавноста. Горливо е прашањето и што повеќе институции бидат вклучени, е подобро. УНЕСКО пак на својот сајт ќе ги објави и извештајот и забелешките кои ќе може да се видат. Ние немаме што да криеме, сега влегуваме во костец да го решаваме проблемот“, вели Ацо Костов директор на Управата за заштита на културното наследство.
По извештајот на УНЕСКО со забелешките кои најмногу се однесуваат на дивоградбите во крајбрежниот појас, невладиниот сектор останува на мислење дека Охридскиот регион треба да биде ставен на листата на загрозено наследство. Неодамна министерката за култура Ирена Стефоска одговарајќи на новинарско прашање посочи дека ставањето на Охрид и Охридскиот регион на листата на културни добра во опасност “не е катастрофа“.
“Напротив, ако дојде до тоа случајно тогаш и режимот на заштита мора да е уште повисок, УНЕСКО ќе помогне со експертиза, со фондови, но тогаш главната обврска и одговорност е на сите нас во нашата земја”, истакна министерката.
Што се однесува до процесот на подготовката на годишниот Извештај за напредокот со состојбата со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион кој нашата држава треба да го достави до средината на февруари 2021, од Министерството за култура велат дека тој е во процес на подготовка од страна на Владата во координација со ресорните организации, институции, општини и останатите засегнати страни.
“Истиот ќе биде јавно објавен на веб страницата на Министерството за култура по неговото усвојување од страна на Владата и по неговото доставување до Центарот за светско наследство“.
Во врска со барањето за увид во нацрт-извештајот до УНЕСКО, од Министерството за култура известуваат дека “нашата држава за време на Реактивната мисија која се реализираше во јануари 2020, овозможи транспарентно учество на претставниците од граѓанскиот сектор во рамки на програмата за Реактивната мисија.
“На овие состаноци граѓанските организации имаа можност да ги информираат претставниците на советодавните тела за актуелните состојби со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, како и да го дадат својот придонес“, велат од Министерството за култура. (Д.Т.)
Comments