Червар: Циндриќ лаже и не паѓам на негово ниво, Металург мене ми должи еден куп пари!
02.02.2021 januari vtornik
Крајот на Светското првенство во Египет значеше и крај на авантурата за Лино Червар како селектор на Хрватска, а најверојатно и крај на неговата блескава тренерска кариера која траеше со децении.
Искусниот Червар си заминува како најуспешен селектор во историјата на хрватскиот ракомет и тој епитет никој не може да му го украде, но за жал, на заминување влезе и во една непосакувана вербална „војна“ со Лука Циндриќ, а истата се одвива со препукувања преку медиумите.
Циндриќ најпрво индиректно го обвини Червар за повредата на стартот на мундијалот во Египет поради тоа што го форсирал на мечот со Јапонија, по што Лино го возврати ударот откако Хрватска испадна во втората фаза, нагласувајќи дека Лука никогаш не бил тука за него во селекцијата, иако тој го открил како ракометар и го доведе во Металург.
Пред два дена, Циндриќ одново се огласи и нападна дека Червар и Металург за малку ќе му ја упропастеле кариерата кога не му давале да направи трансфер, по што денеска Лино почувствува потреба одново да се јави со изјава која ја пренесе „Индекс“.
– Не сакам да учевествував во вакви игри, ова не е моето ниво. Горд сум што си одам како победник. Мирно дојдов во оваа игра во 1973-та година и во мир и тишина си одам. Не сакам да му забележувам на никого, ниту пак сум му должен на некого бидејќи мене никој не ме туркал во кариерата. Мене ме туркаше фактот што сум најдобар селектор во историјата на Хрватска, ме туркаа многубројни играчи кои ги спасив од сиромаштија и ги изведов на прав пат. Сега ме туркаат и пораките кои ги добивам од моите поранешни играчи во изминатите денови и тоа многу ми значи, – вели Червар и додава.
– Зборовите на Циндриќ ги доживувам како лага. Наводно неговата кариера била упропастена? Мене Металург не ми врати ништо, ми должат еден куп пари. Не знам дали него му вратиле, но мене не ми вратија ништо. Циндриќ ја почна оваа приказна и не гледам причина за тоа. Јас го сакам и не се каам за ништо што направив. Некои кои сега вдишале кислород се дрзнуваат да ме наречат губитник, но резултатите никој не може да ги поништи. Плукањето не му служи на чест на Лука и не сакам да се приклучам во тоа. Јас не му сметам на никого, ако на некого сум му направил нешто поради што сега не се чувствува добро, длабоко се извинувам, – завршува Червар.
Comments