Црно-белата драма за коавторот на „Граѓанинот Кејн“ со 10 номинации за Оскар
- Aleksandar Santovski
- Mar 16, 2021
- 2 min read
Номинациите за Оскарот 2021, кои деновиве беа објавени, се истакнуваат заради разновидноста на кандидати од дваесетина етнички малцинства, но и заради двете жени кои се во трка за златната статуетка во категоријата најдобра режија што се случува за првпат во 93-годишната историја на доделувањето на престижната награда на Американската академија за филмска уметност и наука.
Притоа, годинава најголема шанса за освојување на Оскарот има црно-белата драма „Манк“ (Mank) во режија на Дејвид Финчер која води со десет номинации. Осварувањето го преиспитува Холивуд во 30-тите години на минатиот век низ очите на остриот општествен критичар и сценарист-алкохоличар Херман Ј. Манкиевич додека тој е во трка да го заврши сценариото за филмот „Граѓанинот Кејн“ (1941) на којшто се потпишува како коавтор заедно со Орсон Велс.
По него, со по шест номинации се дури шест филмови, меѓу кои и драмата за жената која губи сè во Големата рецесија и тргнува на патување низ американскиот запад, живеејќи како современ номад во комбе – „Земја на номадите“ (Nomadland) која е добитник на „Златниот глобус“ за најдобар филм.
Со шест номинации се и филмовите „Судскиот процес за Чикаго 7“ (The Trial of the Chicago 7), „Татко“ (The Father), „Јуда и Црниот месија“ (Judas and the Black Messiah), „Минари“ (Minari) и „Звукот на металот“ (Sound of Metal). Сите досега споменати остварувања, заедно со „Надежна млада жена“ (Promising Young Woman) ќе се натпреваруваат за Оскарот во најзначајната категорија – најдобар филм.
Клое Жао на „Земја на номадите“ и Емералд Фенел на „Надежна млада жена“ за првпат се најдоа на листата во категоријата најдобра режија како жени авторки. Тие ќе се борат за златната статуетка со Дејвид Финчер за „Манк“, Ли Ајзак Чанг за „Минари“ и Томас Винтерберг за „Уште една тура“.
Што се однесува до главните актерските номинации, пак, Чедвик Боузман е постхумно номиниран за Оскар за најдобар актер за неговата последна улога во џез-драмата „Ма Рејни: Мајка на блузот“ (Ma Rainey’s Black Bottom), покрај Ентони Хопкинс („Татко“), Риз Ахмед („Звукот на металот“), Гери Олдман („Манк“) и Стивен Јеун („Минари“). Кај актерките, номинирани за најдобра главна женска улога се: Виола Дејвис („Ма Рејни: Мајка на блузот“), Франсис Мекдорманд („Земја на номадите“), Андра Деј („САД против Били Холидеј“), Венеса Кирби („Делови од жена“) и Кери Малиган („Надежна млада жена“).
Во категоријата споредна машка улога, пак, се најдоа имињата на актерите Даниел Калуја и Лакит Стенфилд за „Јуда и Црниот месија“, Лесли Одом Џуниор за „Една ноќ во Мајами…“, Пол Раси за „Звукот на металот“ и Саша Барон Коен за „Судскиот процес за Чикаго 7“.
Татко
За Оскарот за најдобра споредна женска улога ќе се натпреваруваат Аманда Сејфрид („Манк“), Марија Бакалова („Борат 2“), Оливија Колман („Татко“), Ју-Јунг-Јан („Минари“) и Глен Клоуз („Hillbilly Elegy“), која доби и осма шанса да стигне до својот прв Оскар.
Што се однесува, пак, на номинираните филмови во интернационалната категорија, тука се: данскиот „Уште една тура“, кинескиот „Подобри денови“, „Човекот којшто си ја продаде кожата“ од Тунис, романскиот „Колектив“ и „Quo Vadis, Aida?“ од Босна и Херцеговина. Одложената церемонија на доделувањето на Оскарите 2021 е предвидена за 25 април. (Н.И.Т.)



Comments