Филхармонија продолжува со атрактивни концерти и во 2021
08.01.2021 Јануари Петок
На 28 јануари со диригентот Борјан Цанев и Ања Коловска на хармоника, пред публиката ќе биде изведен концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, „Песна и танец“ од Томе Манчев и „Орава“ за гудачки оркестар од Војцек Килар. Концертот, посочуваат од Филхармонија, е најава за уште многу впечатливи настани и во новата концертна сезона
Со концертот насловен „Аконкагва“ Филхармонија продолжува и во 2021 со успешна реализација на предвидената програма, која минатата концертна сезона 2019/2020, како што велат надлежните во оваа културна установа, и покрај пандемијата се реализираше во целост. На 28 јануари со диригентот Борјан Цанев и Ања Коловска на хармоника, пред публиката ќе биде изведен концертот за хармоника и оркестар „Аконкагва“ од Астор Пјацола, „Песна и танец“ од Томе Манчев и „Орава“ за гудачки оркестар од Војцек Килар. Концерот, според надлежните, е најава за уште многу впечатливи настани и во новата концертна сезона. Енергијата, пак, како што посочи во разговорот за весникот ВЕЧЕР, в.д. директорката Тина Иванова, во иднина ќе се насочи Филхармонијата да стане достапна за сите, за секој љубител на музиката.
„Филхармонија не е само за елитата. Таа е на сите граѓани. Силен предизвик е да се привлече помладата публика, но и онаа публика која до сега имала отпор спрема класичната музика поради различни причини. За среќа, сега го имаме во нашите редови маестро Габриел Бебешелеа, нашиот шеф-диригент, кој е целосно вклучен во изборот на програмата и тој има добра визија. Се надевам дека ќе ги соединиме идеите и дека ќе креираме прекрасни концерти. Мораме да се движиме паралелно со светските музички струења и да го следиме и пулсот на уметничката јавност“, вели Иванова.
Инаку, лани Филхармонија стартуваше со концертот симболично насловен „Звук на два метри“, на кој како како солисти настапија извонредните вокали од Германија, Корби Велч (тенор) и Хајке Веселс (сопран), а на програмата беше изведено маестралното дело „Песни за земјата“ од Густав Малер. По овој концерт, Филхармонија реализираше бројни уникатни музички настани со врвни солисти и диригенти, симфониски и камерни концерти, кои се одвиваа во големата и малата сала, со импресивна и атрактивна програма која претставуваше микс од т.н. класичен, железен репертоар и современите композиции. Сите настани се одржуваа под строги мерки за заштита, со сите протоколи донесени од страна на Владата на РС Македонија за одржување на настани во културни објекти.
„Поради ситуацијата со Корона вирусот, програмата ја адаптиравме за помали симфониски состави, со цел да се заштитат сите вработени во објектот. Среќна сум што од една страна, на љубителите на музиката и на артистите не им недостигаше сцената, живиот контакт со уметноста, а од друга, што успеавме во ова сурово и депресивно време да им дадеме на луѓето надеж за подобра иднина. Музиката е совршена форма на делување против неубавото. Сите концерти одеа и онлајн“, вели в.д. директорката Иванова.
Таа го потенцира и назначувањето на маестро Габриел Бебешелеа за шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија, со тригодишен договор за работа, како и на маестро Конрад ван Алфен од Холандија за почесен гостин диригент.
Публиката минатата година, поточно во септември, имаше можност да ги проследи и концертите „Младост, среќа, иднина“ со маестро Јерухам Шаровски од Израел и врвната виолончелистка Даниеле Акта, потоа традиционалниот концерт на фестивалот „Денови на македонска музика“ во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија, под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, а на кој беа изведени и нови дела на македонски автори. Во октомври се одржа фантастичниот концерт „Шпански танц“ со маестро Емил Табаков од Бугарија, , концертот „Поле за игра“ со врвната виолинистка од Казахстан, Ајман Мусахоџаева и маестро Сашо Татарчевски како диригент, но настапија и атрактивниот квартет „Куарем“ од Франција/Шпанија. Истиот месец се одржа и концертот „Пер Аспера ад Астра“ со фантастичниот млад пијанист Дмитри Маслеев од Русија и шеф-диригентот Габриел Бебешелеа, како и концертот „Метроном“ со извонредната Алина Баева на виолина и маестро Конрад ван Алфен од Холандија зад диригентскиот пулт.
Во ноември пак, се реализираше концертот „Кругови“, со атрактивниот солист на пијано Франческо Тристано од Луксембург и маестро Џијан Емин како диригент, концертот „И тело и душа“ со пијанистот Дино Имери, посветен на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен, а се одржа и уште еден инетерсен концерт на квартет саксофони од Македонија, насловен „Фузија“, и концертот „Колаж“ со врвната виолончелистка Анастасија Кобекина од Русија, концерт со кој се прослави роденденот на институцијата, а наедно свечено беа затворени и „Есенските музички свечености“. Декември беше месец на концертите „Бетовен 3“ на кој настапи триото Александар Кагановски на виолончело од Швајцарија, Ваг Папијан на пијано од Израел и Емир Имеров на виолина од Германија, под диригентство на маестро Конрад ван Алфен, а солистите, одржаа и камерен концерт во Камерната сала под името „Бенџамин пијано трио“. Уште еден интересен музички настан е „Филхармонија за Филхармонија“, на кој настапија ансамбли чии членови се уметници од редовите на институцијата, настан кој донесе мошне позитивна атмосфера. Годината се заокружи со традиционалниот Новогодишен концерт овој пат под наслов „Нова година-Нов почеток“ со маестро Џијан Емин како диригент, а во соработка со Здружението на џез-музичари.
Некои од концертите имаа и директен пренос на Националниот канал Македонска радио-телевизија.
コメント