„Фанфари за еден пријател“ – концерт посветен на маестро Николовски-Ѓумар со диригентот Габриел Бебе
03.02.2021 februari sreda
„Фанфари за еден пријател“ е насловот на концертот кој ќе се одржи на 4 февруари, во 20 часот, а кој Филхармонијата му го посветува на маестро Саша Николовски-Ѓумар (1966-2017), еден од најзначајните диригенти на нашата музичка сцена со кого оркестарот реализираше низа незаборавни концерти. Диригент е Габриел Бебешелеа, а на програмата се дела Копланд, Дика, Гуно, Шмит, Штраус и младиот македонски композитор Ангел Спироски.
„Фанфари за обичниот човек“ е едно од најзначајните концертни „увертири“ на американскиот композитор Арон Копланд (1900 – 1990). Делото го напишал со идејата да создаде дело во кое фанфарите ќе имаат традиционален и моќен звук, а во исто време и современ музички контекст. Композицијата „Фанфари за Ла Пери“ на францускиот композитор Пол Дика (1865 – 1935) ја следи мистериозна генеза. Дика примарно ја напишал за руската танчарка Наташа Труханова. „Фанфари за измачените“ од младиот македонски композитор Ангел Спироски, пак, претставува траорен повик за спротивставување на нелогичностите. Тоа се фанфари базирани на една македонска народна песна чија содржина, земајќи ја предвид повторливоста на настаните поврзани со македонскиот народ, се чини секогаш и одново се актуализира. „Фанфари за измачените“ е дело нарачано од шеф-диригентот на Македонската филхармонија – Габриел Бебешелеа, а посветено на Филхармонијата. „Мала симфонија“ на францускиот композитор Шарл Гуно (1818 –1893) има весел и галантен карактер и е напишана во типичниот авторски стил на Гуно, кој се темели на класицизмот. „Кампот на Помпеја“ на францускиот композитор Флорент Шмит (1870 – 1958) е составен дел од музиката за балетот „Антониј и Клеопатра“ според истиомената драма на Вилијам Шекспир. Иако таа музички илустрира подготвување за битка, има прилично ведар и „сончев“ карактер. „Свечена поворка“ е едно од „најтоналните“ дела на германскиот композитор Рихард Штраус (1864 – 1949) создадено за прогласувањето витези од редот на Св. Џон. Штраус го напишал „Фанфари за Виенската филхармонија“ во 1924 година за хуманитарниот бал со кој требало да се соберат пари за пензискиот фонд на оркестарот. Откога е создадено, ова дело останало составен дел од репертоарот на Виенската филхармонија.
На овој концерт ќе се промовира и серијата „Пред концертни разговори“ како нова практика на Филхармонија. „Идејата потекнува од новиот шеф –диригент на македонската Филхармонија, маестро Габриел Бебешелеа чија цел е преку овие разговори пред почетокот на концертите да ја запознае публиката со делата кои ќе одат на програмата, како и со естетскиот и филозофскиот контекст на самите композиции. ‘Пред концертни разговори’ ќе се реализираат во рамки на концертите со оркестарот на Филхармонија кои ќе ги води маестро Бебешелеа“, додаваат од Филхармонија.
留言