top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Уништениот мурал на Кузмановски е репродуциран на платно, но ќе потсетува на направениот вандализам

“Од Министерството за култура на писмената реакција на тетовските интелектуалци, по повод уништувањето на муралот на Кузмановски во тетовската гимназија “Кирил Пејчиновиќ“, посочија дека има повреда на правата на авторот на уметничкото дело и упатуваат тој сам да бара судска заштита. Оттаму се прогласија за ненадлежни да покренуваат постапка во ваков случај. Авторот, пак, е на став дека не сака понатамошно продлабочување на проблемите. Разочаран е од чинот и задоволен е од реакцијата на општеството, што упатува на тоа дека има висока свесност и за повредата и за вредноста на делото“, вели за весникот ВЕЧЕР, Даријан Сотировски

Муралот „Образование“ на познатиот македонски уметник Павле Кузмановски, кој во јуни беше уништен со префарбување со бела боја при реновирање на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, повторно е насликан, но сега на платно, и поставен во тетовското основно училиште „Братство-Миѓени“. Муралот од 1966 година го красеше ѕидот на тетовската гимназија и беше нејзин белег, така што несовесноста на раководниот кадар на оваа образовна установа ги крена на нозе тетовци кои побараа одговорност кај надлежните институции.

Кузмановски летово добил покана од помошник-директорот на основното училиште „Братство“, Небојша Арсиќ, да ја репродуцира сликата, која што уметникот веднаш ја прифатил. Како што истакнува самиот Кузмановски за медиумите, сликата е повторно направена во неговото ателје, за што му биле потребни 40 работни дена. Тој открива дека тоа што работел на платно, а не на ѕид, било поголем предизвик за него, но целта му била да остави нешто убаво кое ќе краси одредено место.

„Делото на платно е поставено во основното училиште ‘Братство’, од каде што дојде и иницијативата за репродукција на делото, што наиде на многу позитивни реакции и од децата, нивните родители и од самите граѓани на Тетово. Важно е што делото, за кое уметникот не бараше авторски надомест, ќе остане во градот. Истовремено ќе потсетува и на штетата што е направена, на вандализмот од најнизок облик. Но, ќе остане и како сведоштво за идните генерации, да ја почитуваат врвната уметност“, вели за весникот ВЕЧЕР, Даријан Сотировски, тетовец и директор на Комисијата за односи со верски заедници, кој и самиот учел во ова училиште.

Тетовци, како и сите оние кои завршиле во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, го осудија бојосувањето на муралот. Сметаат дека со уништувањето на едно вредно уметничко дело, е направен недопустлив вандализам кој е непримерен, непрофесионален и штетен чин кој праќа лоша порака кон идните генерации на ова училиште.

Во меѓувреме од Министерството за култура е дојден и одговорот на писмената реакција на видните интелектуалци од Тетово.

„Одговорот е дојден пред неколку дена. Се посочува дека има повреда на правата на авторот на уметничкото дело и упатуваат тој сам да бара судска заштита. Од Министерството се прогласуваат за ненадлежни да покренуваат постапка во ваков случај. Авторот, пак, е на став дека не сака понатамошно продлабочување на проблемите. Разочаран е од чинот и задоволен е од реакцијата на општеството, што упатува на тоа дека има висока свесност и за повредата и за вредноста на делото“, додава Сотировски.

Од Министерството за образование, пак, во изјавата за весникот ВЕЧЕР ја осудија постапката.

„Министерството за образование и наука упатува апел дека културното наследство треба да се чува и негува. Вредноста е непроценлива и не смееме да дозволиме истата да се изгуби. Јавните основни и средни училишта се под надлежност на општините, односно локалните самоуправи се нивни основачи. Воедно секое училиште има раководни структури кои се задолжени за организација на работата, а меѓу другото и за одржување на објектите и заштита на инвентарот“, велат од МОН.

Уметникот Павле Кузмановски (1939) е еден од најпознатите македонски академски сликари. Тој го направил муралот во 1966 година како дипломец на Факултетот за применети уметности во Белград, а со одобрение на тогашниот наставнички колектив на гимназијата. (Д.Т.)


1 view

Comments


bottom of page