top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Украина третпат во низа е во завршницата на ЕП

12.02.2021 februari petok

ФУДБАЛ – УЕФА ГИ ПРЕТСТАВУВА УЧЕСНИЦИТЕ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ГОДИНАВА

На околу четири месеци до почетокот на Европското првенство (ЕП) Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница ги претставува репрезентациите учеснички. Меѓу нив се и Холандија, Украина и Австрија, трите ривали на македонската селекција во групата Ц, на континенталното првенство што треба да се одржи од 11 јуни до 11 јули. По Холандија, УЕФА ја преставува Украина, за која ова ќе биде трет последователен настап на завршен турнир на ЕП (по 2012 и 2016-та) и со која Македонија треба да игра на 17 јуни во Букурешт. Украина уште не успеала да ја помине групната и да стигне до нокаут-фазата. На ЕП 2012 Украина беше кодомаќин со Полска и на дебито забележа историска победа над Шведска со 2-1, со двата гола на сегашниот селектор, Андриј Шевченко, во незаборавната вечер во Киев. Потоа следуваа петте порази во завршницата на ЕП 2012 и 2016-та.

Клучен играч во сегашниот состав на Украина е Андриј Јармоленко (92 настапи, 38 гола), најефикасниот фудбалер по Андриј Шевченко (48 погодока). Јармоленко е главната креативна сила на Украина и покрај тоа што не е стандарден во премиерлигашот Вест хем. Битен играч за Украинците е и Руслан Малиновски, фудбалерот од средниот ред на Аталанта (32 настапи, шест гола), поради одличните додавања, контролата на топката и способноста да најде простор за да ја пробие противничката одбрана, плус разорниот удар со левата нога од далечина. Незаборавни голови на ЕП за Украинците се двата на Шевченко на отворањето на ЕП 2012 против Шведска. И покрај тоа што го мачеа повредите на крајот од кариерата, решеноста на Шевченко да се појави на домашен терен во 2012 година беше соодветно наградена таа славна вечер на Олимпискиот стадион во Киев, пишува УЕФА. Најмногу натпревари во завршница на ЕП, по шест, имаат Евген Качериди, Евген Конопјанка, Андриј Пјатов и Андриј Јармоленко. Четири настапи има Анатолиј Тимошчук. Најмногу голови, два, постигна Шевченко. Украина нема постигнато гол во претходните пет натпревари на ЕП, против Франција и Англија во 2012 година и на дуелите со Германија, Северна Ирска и со Полска во 2016 година.

Дали сте знаеле?

Андриј Шевченко беше капитен на фудбалската репрезентација на Украина на Европското првенство (ЕП) во 2012 година, а пред ЕП во 2016 година беше назначен за помошник на селекторот Михајло Фоменко. За Шевченко ова ќе биде трето ЕП, овој пат како селектор. Украина сега првпат директно се квалификува на ЕП, откако во 2012-та играше како кодомаќин, а во 2016-та по победата во баражот во дуелите со Словенија.


1 view

コメント


bottom of page