Триумф на Сосиедад по долго чекање
ФУДБАЛ – КУП НА ШПАНИЈА
По 34- годишна пауза, Реал сосиедад го освои шпанскиот куп за сезоната 2019/2020, третпат во клупската историја (претходно во 1909 и во 1987 година), победувајќи го во финалето, во Севилја, Атлетик со 1-0, со голот од пенал на Микел Ојарзабал во 63-та минута, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП). Ојарзабал им ја посвети победата на навивачите од Сан Себастијан, кои не можеа да присуствуваат на историското финале против баскискиот ривал од Билбао. – Неверојатен ден. Се потсетувате на сите луѓе што би сакале да бидат тука, на сите луѓе што нѐ напуштија. Ова е за секого, за моето семејство, за моите пријатели. Ова многу ми значи – изјави со солзи во очите Ојарзабал. Ова финале поради пандемијата на коронавирусот се одложуваше што е можно подолго, со надеж дека ќе можат да присуствуваат гледачи. Но наместо тоа, беше одигран речиси 1.000 километри појужно, во Севилја, на мечот на кој присуствуваа околу 350 гости и новинари, на празните трибини. Во финалето за сезонава, на 17 април, повторно во Севилја, Атлетик се среќава со Барселона, во кое ќе се обиде да стави крај на 37-годишно чекање за триумф во ова натпреварување и 24-ти пат да го освои пехарот.
Comments